• недела, 24 ноември 2024

ИПАРД 2 мерката голем потенцијал за инвестиции во руралниот развој

ИПАРД 2 мерката голем потенцијал за инвестиции во руралниот развој
Охрид, 28 јули 2021 (МИА) – Претставници на Телото за управување со ИПАРД и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска во Охрид ги информираа потенцијалните апликанти за мерката 7 од ИПАРД програмата 2014-2020 за поддршка на земјоделството, но кога станува збор за Охридскиот регион тоа е пред се поддршка на проектите за рурален развој. - Оваа мерка финансира неколку потсектори меѓу кои покрај изградба на индустриски капацитети во рурални средини, како производство и преработка на метал, керамика, пластика, дрво, сите занаетчиски дејности, така и изградба и адаптација на посточеки угостителски и сместувачки објекти, домови за стари лица, пчеларство како алтернативно земјоделство, производство на алкохолни и безалкохолни пијалоци...Секоја инвестиција што би била одобрена ќе биде поддржана со 65 проценти од предвидените трошоци, рече Никица Бачовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Според Бачовски, Северна Македонија важи за лидер во Западен Балкан доколку се земе предвид искористеноста на предвидените средства. Тој истакна дека она што во земјата е искористено преку оваа мерка е сумирано повеќе отколку сето остварено во Црна Гора, Албанија, Србија заедно. - Како најбројни се јавуваат физичките лица односно земјоделците кои преку друга мерка набавуваат механизација, ги обновуваат своите насади, опрема за постребени активности на земјоделските производи, системи за наводнување капка по капка...Силно инвестираме во преработката, тоа е важно за нашето земјоделство оттаму што додава вредност на основниот производ и тоа на што треба да се фокусираме во иднина, рече тој. Најдобриот чекор да се поедностави процедурата за остварување на правото да се обезбедат средства за финансирање преку програмите на ЕУ е потенцијалните апликатни детално да се запознаат со процесот на изготвување на потребната документација, токму преку овие средби што ги организира Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. - Ние не сме тие што ги креираат условите околу документацијата, ние ги следиме европските правила. ИПАРД е во суштина инструмент што треба да не приближи до некои стандарди, своевидна генерална проба што подоцна како членка на Унијата ќе ни овозможи да бидеме добри корисници на тие фондови. Процедурите не се сложени и тешки, доколку постои соодветна заинтересираност и сериозност кај потенцијалните апликанти, рече Бачовски. Крајната цел на овие работилници е да се запознае јавноста за поволностите што ги нуди мерката 7, но и условите што треба да се исполнуваат. Овој повик што е на сила до 22 август е последниот од ИПАРД 2 програмата, со буџет од 9,6 милиони евра, од кои преку поврат на инвестиции макисимално можат да се обезбедат до милион евра. аб/цр

Остани поврзан