• петок, 27 декември 2024

Интернационалниот картичен систем КАСИС одбележа 15 години од првата електронска трансакција во државава

Интернационалниот картичен систем КАСИС одбележа 15 години од првата електронска трансакција во државава
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) – Интернационалниот картичен систем „Casys International“ денеска одбележа 15 години од првата електронска трансакција која се случи на 7 ноември 2007 година во продавницата „Еxploring Macedonia“ со картичка издадена во државава. Филомена Пљаковска Аспровска, главна извршна директорка и претседателка на менаџмент бордот на „Casys International“, вели дека по 15 години многу се горди на тоа дека имаат партнери банки и две финансиски друштва од регионот. - На нашата платформа се интегрирани повеќе од 1050 електронски продавници и месечно обработуваме повеќе од 450 илјади трансакции. Постојано вложуваме, одиме напред, бидејќи иднината е во онлајн трговијата и електронската трговија, вели таа. Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за електронска трговија, изјави дека е-трговијата е значајно заживеана низ годините. - Можеби најзначајниот, првиот скок се случи кога се појавија сајтовите за групни попусти, оттогаш па натаму, е-трговијата растеше со одредено темпо. Најголемиот скок е со ковид-пандемијата, меѓутоа, секогаш прашањето е дали овој раст и темпо е доволно, па ако се споредиме со останатите земји, Македонија не е на завидно ниво по онлајн купување. Имаме уште долг пат, а за тоа требаат и партнери како КАСИС, во смисла на процесори и банкарскиот сектор, како и логистика и сите алки кои што се вклучени во е-трговијата, рече Ангеловска. Според неа, клучна и најважна е понудата, односно компаниите се тие што ги менуваат навиките и кои што се заслужни за да се забрза темпото на раст и развој на македонската  е-трговија, бидејќи, како што вели, таа е значаен дел од дигиталната економија и придонесува за целокупниот економски раст на државата. Претседателка на Македонска банкарска асоцијација и директорка во Комерцијална банка, Маја Стевкова Штериева, сподели дека секој клиент, физичко или правно лице, на некој начин се наоѓа како корисник или како давател на услугите во рамките на е-трговијата. - Едно од најголемите желби на банките во овој дел е тоа што повеќе да се популаризира и што повеќе трговци да пристапат кон е-трговијата. Со тоа истовремено би биле задоволени и нивните потреби од аспекти на пласманите, а, исто така, на другата страна, населението и сите оние кои што купуваат, на тој начин би можеле многу полесно да го користат тој канал на продажба, рече Стевкова Штериева, дополнувајќи дека голем дел од банките веќе се ангажирани во областа на е-трговијата и ентузијастички пристапуваат на тој процес.ар/са/

Остани поврзан