• вторник, 20 јануари 2026

Интернационален натпревар за најдобри вина по десетти пат се организира во Кавадарци

Интернационален натпревар за најдобри вина по десетти пат се организира во Кавадарци

Кавадарци, 8 јануари 2026 (МИА) - Интернационален натпревар за најдобри вина по десетти пат се организира во Кавадарци, во организација на Здружение за негување и развој на винска култура, вински туризам и производи од грозје „Винотек" од Кавадарци, информираа вечерва од ова кавадаречко здружение. Оттаму објавија јавен повик за доставување на мостри за натпреварот. Стручно жири ќе ги оцени и одбере најдобрите, по дегустацијата на доставените мостри. 

Оттаму појаснија дека настанот е по повод Денот на лозарите и винарите „Свети Трифун", што се одбележува на 14 февруари, во соработка со средното општинско земјоделско и шумарско училиште „Ѓорче Петров" Кавадарци. 

Притоа додадоа дека активностите се под покровителство на градоначалникот и Општина Кавадарци и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

- Се работи за вина произведени од регистрирани производители, мали семејни винарии, домашни индивидуални производители и странски винарии и производители. Има неколку категории за оценување. Млади вина берба 2025 година,  бели, розе и црвени, со посебна категорија од автохтоната сорта на грозје, „станушина". Потоа, мирни вина бели, розе и црвени, со, повторно посебна категорија, „станушина".  Категорија, најдобри странски вина. За организирање на оценување од секоја категорија, треба да има минимум по седум мостри, соопштија од „Винотек“. 

Патем информираа дека оценувањето ќе го врши петчлена стручна комисија под раководство на професор доктор Михаил Петков. Ќе се оценуваат сите предадени мостри, а ќе се доделат пехари, медали, дипломи и награди на најдобро оценетите три вина од секоја категорија. свд/дма/


Фото: Јавен повик од ,,Винотек"

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан