• сабота, 09 ноември 2024

Инзаги: Горди сме на четирите освоени бода против Сити и Арсенал

Инзаги: Горди сме на четирите освоени бода против Сити и Арсенал

Милано, 7 ноември 2024 (МИА) - Тренерот на Интер, Симоне Инзаги имаше причина да биде повеќе од задоволен по победата на неговиот тим над Арсенал во еден од дерби натпреварите од 4. коло во Лигата на шампионите на УЕФА.

„Нероазурите“ на стадионот „Џузепе Меаца“ со 1:0 го совладаа еден од најсилните англиски тимови. Стрелец на единствениот гол, воедно и играч на натпреварот беше турскиот интернационалец Хакан Чалханоглу од пенал во првото полувреме.

„Црно-сините“ не прикажаа претерано убава игра за око, но успеаја физички да одговорат на еден од најподготвените тимови во Премиер лигата.

-Ова беше многу важна победа, моравме да се бориме за неа против многу силен, интензивен тим, кој ни направи проблеми пред се во шеснаесетникот. Арсенал е еден од најдобрите тимови што сум ги видел досега во Лигата на шампионите оваа сезона. Почнавме одлично, а потоа во вториот дел се браневме навистина добро. Сакавме да победиме пред нашите навивачи и успеавме, изјави Симоне Инзаги по мечот.

Многумина го оспоруваат квалитетот на Серија „А“ и велат дека заостанува зад Премиер лигата. Интер покажа дека не е баш така.

-Секако, горди сме што освоивме четири бода од два натпревари против Манчестер Сити и Арсенал и пред се со добри перформанси, додаде тренерот на Интер.

Тимот од Милано во првите четири кола од Лигата на шампионите оствари три победи и само едно реми.

-Добро се држиме, но претстојат уште четири натпревари во оваа фаза од натпреварувањето, додаде Инзаги. дс

Фото: Архива

Остани поврзан