• среда, 25 декември 2024

Израелскиот министер за стратешки прашања: Нема да има израелска окупација на Појасот Газа

Израелскиот министер за стратешки прашања: Нема да има израелска окупација на Појасот Газа

Ерусалим, 8 ноември 2023 (МИА) - Израел нема да го окупира Појасот Газа, изјави израелскиот министер за стратешки прашања, Рон Дермер, во интервју за американската телевизија МСНБЦ, пренесе БТА.

Тој нагласи дека Израел се повлекол од Појасот Газа пред 17 години.

Дермер истакна дека „штом Хамас веќе нема да е на власт таму и по уништувањето на неговата инфраструктура, Израел ќе има целосна одговорност за безбедноста во сè уште неодреден период“.

Запрашан како ќе се организира оваа одговорност, Дермер призна дека прашањето останува отворено, но увери дека нема да стане збор за окупација.

Дермер е поранешен израелски амбасадор во САД. Тој е близок со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Неговите зборови дојдоа по реакцијата на Вашингтон дека се противи на нова долгорочна окупација на Газа од страна на Израел.

-Генерално кажано, ние не ја поддржуваме израелската повторна окупација на Газа, како и Израел, изјави вчера портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател.

Ова беше реакција на зборовите на Нетанјаху од понеделникот, кој тогаш рече дека сака Израел да ја преземе севкупната одговорност за безбедноста на оваа територија по завршувањето на војната со Хамас.

-Ние сме во активни дискусии со нашите израелски колеги за тоа како треба да изгледа Газа по конфликтот. Претседателот Џо Бајден останува на својот став дека повторната окупација од страна на израелските сили не е вистинската работа, рече портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби. Но, тој додаде дека една работа останува несомнена, а „тоа е дека Хамас не може да биде дел од равенката“.

Портпаролот на Хамас Абдел Латиф ал-Кану реагираше на Телеграм на овие зборови, велејќи дека она што го кажа Кирби за иднината на Газа по Хамас „е фантазија“ и додаде дека само палестинскиот народ ќе одлучи што да прави.

Дермер призна дека Израел ќе се соочи со тешкотии ден по елиминацијата на Хамас.

-Кој ќе владее со Газа? Ако палестинската сила владее со Газа за доброто на нејзините граѓани и без да сака да го уништи Израел, тогаш можеме да разговараме за тоа, рече тој, цитиран од АФП, пренесе БТА. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан