• среда, 13 ноември 2024

Изнесени искуства и проблеми од примената на Законот за неевидентирани лица во матичната евиденција

Изнесени искуства и проблеми од примената на Законот за неевидентирани лица во матичната евиденција

Скопје, 6 февруари 2023 (МИА) – Во Собранието денеска продолжи надзорната расправа за примена на законските одредби за неевидентираните лица во матичната книга на родени, со искази од претставници од институции и здруженија пред Комисијата за политички системи и односи меѓу заедниците. Тие ги истакнаа искуствата, но и проблемите кои во пракса ги предизвикува актуелниот Закон за неевидентирани лица во матичната книга на родени.

Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Исмаил Кембери, во својот исказ информира дека до Комисијата досега е стигната една претставка која се однесува на околу 10 лица припадници на ромската заедница.

- Комисијата работеше на оваа претставка, во таа насока, бидејќи Министерството за правда согласно законот е надлежно за надзор на спроведувањето на овој закон првично ја поднесовме претставката за изјаснување од ова министерство од каде добивме информација дека претставката е препратена до Управата за матични книги и од таму до ден денес немаме добиено изјаснување за проблемот, рече Кембери.

Бидејќи за истиот проблем подносителите поднеле и тужба за утврдување дискриминација, како што објасни, Комисијата согласно член 27 од Законот за спречување дискриминација била принудена да ја запре постапката.

- Следствено од почетокот на имплементацијата на законот овие граѓани се соочуваат со низа проблеми во која било област на нивното живеење, оцени тој.

Државниот секретар во Министерството за правда Мухамед Точи рече дека државава е пред Србија и Косово во решавањето на овој проблем и оти тоа треба да служи како поттик да се продолжи со интензивниот пристап кон решението. Воедно информира дека е извршен надзор врз Управата за водење матични книги, а следно ќе биде извршен надзор и во Министерството за труд и социјална политика.

Професорот од Правниот факултет при УКИМ Борче Давитковски ваквиот проблем го оцени како срам за државата, истакнувајќи дека неевидентираните граѓани треба да бидат рамноправни со другите за сите права.

- Мислам дека оваа материја, прво овој проблем го нема никаде во светот. По барање на УНХЦР и ОБСЕ и Здружение на млади правници подготвивме анализа каде во Владата имаше доста помпезна реакција, каде што текстот беше поздравен, претставивме два модела јас се изненадив што беше ветено дека до крај на годината ќе биде решено, за после година - две да се донесе моменталниот закон. Ако го погледнете само насловот тој ништо не регулира. Законот не ја регулира суштината. Ова е срамота за Македонија, ваков проблем нема никаде во светот, треба овие луѓе да ги тргнеме од улица и да станат рамноправни граѓани да можат не само да ги остварат права туку и да гласаат, порача професорот Давитковски.

На надзорната расправа присуствуваше и Катерина Бунеа, претставник од УНХЦР, која рече дека Северна Македонија ја има поддршката, но дека се потребни трајни решенија, а не привремени мерки.

- Имаме прва земја во светот која го реши проблемот со недржавјанства, тоа е Киргистан, значи Северна Македонија има шанса да биде втора земја во светот и прва земја во Европа која ќе го реши овој проблем, имаме само една година и затоа ќе поддржиме трајни решенија. Најлесното и најбезболно решение што не чини е усвојување владина програма, односно решение што ќе ги префрли лицата од привремениот кон редовниот регистер. Ако не може ова решение да се прифати би побарале од Парламентот за брзо усвојување на новиот Закон за граѓанско регистрирање, кој во моментот е под ревизија на Министерството за правда и се надеваме дека ќе воспостави подноставна процедура за регистрирање во матичната евиденција, истакна Бунеа.

На претходната седница искази пред Комисијата дадоа и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и претставници од Управата за водење матични книги.

Евиденцијата од терен, направена од граѓанските организации во соработка со локалните тимови покажува дека во државава без документи живеат околу 700 лица.

Со денешната 51. седница заврши давањето искази на претставници од засегнатите институции и здруженија, со што Комисијата ќе продолжи да ги обработува сите искази и останати сознанија. свс/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан