• вторник, 24 декември 2024

Изложба на олдтајмери во рамките на Велешката питијада 2022

Изложба на олдтајмери во рамките на Велешката питијада 2022

Велес, 8 октомври 2022 (МИА) - Во рамките на годинашната „Велешка питијада 2022“ - фестивалот на највкусна велешка пита пастрмајлија и врвни македонски вина, кој започна вчера, по вторпат се одржа изложба на олдтајмери.

-Изложбата на стари возила во исправна возна состојба кои воопшти или ретко ги има на улиците и патиштата низ државата, е многу привлечна за посетителите, за постарите да евоцираат спомени од младоста, а помладите првпат во живо да се запознаваат со овие возила, изјави за МИА Борче Саздов  од олдтајмер клубот King off the street кој ја организира изложбата заедно со поддршка на Општина Велес.

На изложбата  се претставени вкупно 43 олдатјемри од повеќе градови во земјава - Скопје, Кочани, Штип, Скопје, Кавадарци, Велес, а има и гостин од Врање, соседна Србија.

Најстарото возило на изложбата на отворено во Велес е „опел капитан“ од 1941 година реставрирано и сопственост на Љупчо Трајковски од Скопје. Трајковски со ова возило досега се претставил на повеќе вакви олдтајмер изложби во земјава. Автомобилот го вози само кога е суво време, приврзан е за олдтајмерот и е многу горд на него, а привлече внимание и на многу посетителикои посакаа да се сликаат со возилото.

На изложбата беа претставени и две возила од богатата колекција на некогашниот претседател на велешкиот олдтајмер клуб King off the street, Борче Мирчевски, кој почина во февруари 2020 во сообраќајна несреќа. Неговата љубов кон олдтајмерите ја наследиле неговите сеуште малолетни синови Александар и Андреј, кои ќе ја продолжат традицијата. Борче Мирчевски беше организатор на првата олдтајмер изложба во рамките на Велешката Питијада во 2016 година на која беа изложени 30 - тина вредни возила олдтајмери од колекционери од земјава, но и од гости од соседна Бугарија. Во наредните две години манифестации беше прекината, а потоа три години не се одржа ни Велешка питијада.

Неговиот клупски колега Борче Саздов за МИА појаснува дека годинава по пет години пауза, изложбата на олдтајмери повторно ја врати новата локална власт и градоначалник Марко Колев кои финансиски ја поддржаа изложбата.

-Имавме кратко време да се организираме, но за в година имаме планови да има многу повеќе олдтајмер возила од земјава и странство, најави Саздов.

Инаку, во рамки на забавниот дел  од манифестацијата „Велешка Питијада“ денеска од 18 часот први настап ќе имаат членовите на  детската група од Дајте музика. Вечер на сцената на отворено во Велес ќе настапат Наум Петрески и Зуица Лазова, Фолтин и Каролина Гочева. Во недела  5 + бенд, Сузана Спасовска, Академци, Љубојна +Brass Fantasy и Лозано.

За посетителите вкусните велешки пити пастрмајлии со средна големина се продаваат по цена од 200 денари, а чаша вино за 50 дена од бројните винарии од Велес и Повардарието. ад/вг/

Остани поврзан