Извештај на ОН за водите: Состојбата е во црвено
- Во екот на хронично исцрпување на подземните води, прекумерната распределба на водата, деградацијата на земјиштето и почвата, сечењето на шумите и загадувањето, а сето тоа влошено од глобалното затоплување, светот е во црвено и е на пат кон глобален воден банкрот, се вели во извештајот на ОН за водите.
22 Јануари 2026
„Хина“
Во екот на хронично исцрпување на подземните води, прекумерната распределба на водата, деградацијата на земјиштето и почвата, сечењето на шумите и загадувањето, а сето тоа влошено од глобалното затоплување, светот е во црвено и е на пат кон глобален воден банкрот, се вели во извештајот на ОН за водите.
Со извештајот објавен пред два дена ОН сакаат да испратат порака до сите што одлучуваат дека немаат време за чекање. Притоа се наведуваат низа статистички податоци - големите езера во светот изгубиле 50 отсто од водата од почетокот на 90-тите (при што 25 проценти од човештвото директно зависи од тие езера), а има 40 отсто помалку вода за наводнување од бунарите на светско ниво.
Во последните 50 години исчезнале 410 милиони хектари површина на природни мочуришта, што е речиси еднакво на големината на Европската Унија. Три милијарди луѓе живеат во подрачја во кои вкупните резерви вода опаѓаат или се нестабилни, а повеќе од 50 отсто од храната во светот се произведува во тие региони.
Ова е само дел од податоците што ги следи заклучокот дека во 2026 година водата повеќе не е само природен ресурс, туку и нова глобална валута, темел на безбедноста, политиката и меѓународното влијание.
Во свет во кој климатските промени, растот на популацијата и интензивната индустријализација сè повеќе ги оптоваруваат водните ресурси, контролата над реките, езерата и подземните води станува еднакво стратешки важна како и контролата на нафтата и гасот во минатиот век.
Професорот Кавех Мадани, кој ја водеше работната група на ОН, изјави дека досега рекорден број населени места во светот го поминале прагот на целосна загрозеност на пристапот до пивка вода.
Борба за вода
Климатските научници и стратези предупредуваат дека иднината ќе биде одбележана со борби за пристапот до вода, а не само за територии или енергетски ресурси.
„Водата повеќе не е само еколошко прашање - таа е прашање на безбедност и моќ“, стои во извештајот со наводите дека „градовите како Техеран, Кејптаун, Сао Пауло и Ченај се соочија со кризи на недостиг на пивка вода, а бројот на конфликти поврзани со водата во светот порасна од 20 во 2010 година на повеќе од 400 во 2024 година“.
Во меѓународната политика водата сè повеќе се третира како критичен безбедносен ресурс. Големите реки, како Нил, Еуфрат, Тигар и Инд, станаа епицентри на дипломатски тензии и потенцијални судири.
Мајкл Грин, британски експерт за безбедност и ресурси, објаснува дека во овие случаи веќе не се работи само за пивка вода, туку и за енергија, земјоделство и политичко влијание: „Тој што го контролира текот, ја контролира и иднината на регионот“.
Примерите се многубројни - од тензиите меѓу Етиопија и Судан за големата етиопска брана на Нил преку споровите на Турција и Ирак за Еуфрат и Тигар, па до долготрајните тензии меѓу Индија и Пакистан за реката Инд.
Дури и во развиените земји, како Соединетите Американски Држави или Шпанија, планирањето на управувањето со водните ресурси стана клучно прашање на националната безбедност и долгорочната стабилност.
Хидрохегемонија
Недостигот на вода со себе носи многубројни опасности и ризици. ОН проценуваат дека до 2050 година речиси пет милијарди луѓе ќе живеат во подрачја со значителни проблеми во снабдувањето со вода, што го зголемува ризикот од внатрешни и регионални конфликти, дестабилизација на државите и пораст на миграциските притисоци.
Експертите предупредуваат и на нов вид хибридни конфликти за водата: државните власти и приватните компании ги користат акумулациите, браните и регулационите проекти како средство за политички притисок или преговарачка алатка во пошироките геополитички игри.
- Гледаме дека водата станува инструмент за преговарање, па дури и оружје во регионалните спорови - предупредува Селим Рахман, аналитичар за меѓународни односи од Дубаи.
На сето тоа се надоврзуваат и климатските промени, кои го нарушуваат хидролошкиот циклус, ги прават поплавите и сушите сè почести, а загадувањето на реките и подземните води дополнително ги намалува достапните ресурси.
Експертите предвидуваат дека глобалната побарувачка за вода ќе порасне за речиси 50 отсто до 2050 година, а истовремено достапноста во сушните подрачја ќе опаѓа. Таквиот јаз меѓу понудата и побарувачката бара темелни иновации во управувањето со водните ресурси, ширење на капацитетите за десалинизација и рециклажа на водата, но и поинтензивна меѓународна соработка.
- Глобалните лидери мора да сфатат дека вложувањата во водната инфраструктура се еднакво важни како и во војската - истакнува Џулија Фернандез од London School of Economics.
Примерите за успешна соработка вклучуваат воспоставување меѓународни комисии за заедничко управување со реките, развој на технолошки решенија за заштеда на вода и склучување регионални договори за распределба на ресурсите. Но, предупредуваат аналитичарите, ако политиката не ги следи реалните потреби, конфликтите за водата би можеле да станат реалност, особено во региони како Блискиот Исток, Северна Африка и Јужна Азија.
Во 2026 година поимот хидрохегемонија стана исклучително важен во меѓународните односи. Државите што ги контролираат изворите на големите реки, т.н. узводни држави, ја користат водата не само како извор на енергија туку и како политичка алатка против оние низводно. Големата етиопска брана на Нил останува најзатегната точка, каде што Етиопија ја користи контролата врз дотокот на вода за да оствари стратешка предност над Судан и Египет.
Европскиот син план
Европската Унија исто така го препозна стратешкото значење на водата. Синиот план е стратегија што ја третира водата со исто ниво на приоритет како и енергијата во рамките на зелениот план. ЕУ вложува милијарди во кружната економија на водата - повторна употреба на прочистената вода и намалување на зависноста од увезените земјоделски производи од регионите погодени од суша, со што настојува да ја зајакне својата ресурсна независност и да ги стабилизира границите.
- Водата повеќе не е бесконечен ресурс и мораме да ја заштитиме не само поради животот туку и поради стратешката независност - вели Џесика Росвал, европска комесарка за животна средина.
Глобалната структура на побарувачката и начинот на живеење исто така се менуваат. Светот е поделен на држави со природни извори на вода и на оние што зависат од технологијата.
Земјите како Саудиска Арабија, Израел и Обединетите Арапски Емирати повеќе од половина од своите потреби ги задоволуваат со десалинизација на морската вода, енергетски интензивен процес, кој ја диктира нивната енергетска политика и стратешките приоритети.
Водната писменост станува составен дел од образованието, а потрошувачите сè почесто избираат производи со помал воден отпечаток.
Земјите што сега не вложуваат во одржливо управување со водните ресурси и меѓународна соработка ризикуваат губење на стратешката автономија во иднина, а оние што ја препознаваат виталната улога на водата ги поставуваат темелите за стабилност, безбедност и влијание во турбулентниот свет што доаѓа.