• понеделник, 19 јануари 2026

Избрана фирмата која ќе го инсталира СКАДА системот на штипската водоводна мрежа

Избрана фирмата која ќе го инсталира СКАДА системот на штипската водоводна мрежа

Штип, 15 јануари 2026 (МИА) – Заврши тендерската постапка за избор на изведувач на СКАДА системот на водоводната мрежа во Штип. Капитален проект, којшто е е во насока на подобрување и решавање на водоснабдувањето на домаќинствата и стопанските објекти. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека на 35 точки ќе се инсталираат уреди, со кои ќе се регулира протокот на водата за пиење, ќе се намалат загубите на водата низ мрежата, но и веднаш ќе се детектираат дефектите. 

-Очекуваме во наредните месеци по завршувањето на овој проект, со којшто ќе имаме поголема контрола на водоснабдувањето, на протокот, на загубите на водата, да се подобри и финансиската состојба во Јавното претпријатие „Исар“ и зголемена контрола на самиот систем. СКАДА системот предвидува можност електронски, дигитално да се контролира протокот на водата во водоводната мрежа, изјави Јорданов. 

Тој истакна дека двата резервоари во населбите Пребег и Мерите веќе се изградени, сега треба да следи постапката на нивно поврзување со цевковод, по што ќе бидат ставени во функција на водоводната мрежа. Овие два резервоари се значајни пред се високите зони во градот Штип, кои во текот на летото имаат проблеми со притисокот на водата, но и често има прекини во водоснбадувањето. Јорданов очекува овие два големи проекти да се реализираат до почетокот на летото. 

Со СКАДА системот уште во првата година се очекува загубите на водата за пиење низ водоводната мрежа да се намалат за 20 отсто, а во моментов изнесуваат 62 процента. Анализите на ЈП „Исар“ покажуваат дека штетата од загубите на водата за пиење кои изнесуваат 62 отсто изнесува околу 2,5 милиони евра на годишно ниво. Инаку, СКАДА системот чини околу 500.000 евра, а средствата се обезбедени од вториот повик на Владата од унгарскиот заем. вдј/вј/

Фото: МИА 

Остани поврзан