• петок, 27 декември 2024

Изборите за Совет на Општина Тетово ќе се одржат на 20 август

Изборите за Совет на Општина Тетово ќе се одржат на 20 август
Скопје, 21 јуни 2022 (МИА) - Државната изборна комисија на денешната седница донесе одлука изборите за Совет на Општина Тетово да се одржат на 20 август 2022 година, а болните и немоќни лица и сите други категории кои според Законот имаат основа да гласаат, ќе можат да го остварат гласачкото прабво ден претходно, на 19 август. - Јавниот увид во избирачкиот список започнува од 1 јули и трае 20 дена, заклучно со 20 јули. Собирање потписи за независни листи на кандидати започнува од 30 јуни, и ќе трае 15 дена заклучно со 14 јули и истото ќе се спроведе во подрачното одделение на ДИК во Тетово. Доставувањето на кандидатските листи за кандидати за Совет на Општина Тетово, до Општинската изборна комисија е најдоцна заклучно до 15 јули до 00:00. Жрепката за редниот број на гласачкото ливче за листите за Совет за Општина Тетово, ДИК ќе ја спроведе најдоцна до 26 јули. Изборната кампања за изборите за Советот започнува на 31 јули во 00:00 часот и трае до 18 август до 00:00 часот, информираше Борис Кондарко, член на ДИК. Кондарко соопшти дека политичките партии, односно овластените претставници на листи можат да предложат свои членови на избирачки одбори до 8 август, за што партиите ќе бидат претходно известени. Како што беше соопштено на седницата, пријавувањето на болни и изнемоштени лица трае до 12 август, за што има посебно упатство. Додека пријавувањето на лицата кои се во домашен карантин поради КОВИД-19 е до 14 август. Регистрацијата на медиумите во ДИК кои сакаат да користат средства за платено политичко рекламирање и да склучат договори, е три дена од распишување на избори и трае до 24 јуни до 00:00 часот. Регистрацијата може да се изврши во архивата на ДИК или електронски. Кондарко информираше дека набљудувачите од невладините организации можат да поднесат барање, заклучно со 9 август. Избирачкиот список за овие избори се заклучува најдоцна до 4 август, а до 17 август е рокот за поднесување на контролори. На владина седница на 14 јуни беше донесено решение за распуштање на Советот на Општина Тетово согласно исполнувањето на еден од условите во членот 75 од Законот за локална самоуправа, според кој општинските совети ќе бидат распуштени доколку не ја донесат завршната сметка и Буџетот до 31 март како што е предвидено со законската одредба. ки/са/

Остани поврзан