• среда, 25 декември 2024

ЗНМ бара итно решавање на процесите за насилство врз новинарите (ДПЛ)

ЗНМ бара итно решавање на процесите за насилство врз новинарите (ДПЛ)

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Итно решавање на сите отворени процеси во кои врз новинари се применува насилство, реформи во регулативата за слеп тужбите и сериозен одговор од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство на вербалното насилство што се случува сѐ почесто преку онлајн платформите се барањата на Здружението на новинарите на Македонија по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите - 2 ноември.

На денешната прес-конференција на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) што се одржа во Клубот на новинари се дискутираше за сериозни напади врз новинарите, решавање на нерешените случаи на напади врз медиумските работници, заштитата на јавниот интерес преку слободата на говор, транспарентноста на надлежните институции и соработката помеѓу еснафските здруженија со МВР и ЈО, како и заштитата на новинарите и казнивоста на заканите и нападите врз нив.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека оваа година се регистрирани четири посериозни прекршувања на правата на новинарите, заедно со бројни онлајн закани и осум слеп тужби. 

- Безбедноста на медиумските работници и борбата против неказнивоста на злосторствата против нив е директно поврзана со демократските вредности на едно општество. Бараме итно решавање на сите отворени случаи во кои врз новинари се применува насилство. Вербалното насилство и малтретирањата, преку онлајн платформи, бара сериозен одговор од МВР и Обвинителството. Граѓаните бараат од нас верно да им служиме. Да не потклекнуваме на насилниците, да не шуруваме со политичките партии, да информираме за злоупотребите на бизнис моќниците. Затоа ни треба целосна поддршка, транспарентни и фер постапки, за да обезбедиме медиумски простор ослободен од страв и закани, рече Чадиковски.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, нагласи дека секоја физичка закана кон новинари треба да биде сериозно обработена од страна на МВР и другите истражни органи. 

- Новинарите треба да претставуваат чувари на демократијата и вашето значење во рамки на едно демократско општество не треба да е спорно за никого затоа што кога имаме соодветен степен на слобода на говор, кога имаме истражувачко новинарство, кога имаме сигурни и безбедни новинари, кога имаме забрана за цензура во рамки на едно општество, така може да се надеваме дека ќе се качиме на скалилата кои што би требало да не доведат до едно нормално демократско општество. Секаков тип на закана физичка и вербална, особено кога е насочена кон новинари треба да има сериозен опфат во рамки на работењето на Министерството за внатрешни работи и во рамки на работењето на другите истражни органи во Македонија,  рече Тошковски.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, потврди дека обвинителството ги презема сите мерки за расчистување на случаите и рече дека ја осудува секоја форма на притисок кон новинарите. 

- Ја осудувам секоја постапка со која новинарите се предмет на незаконско следење и снимање. Јавно ја осудувам и секоја форма на притисок и закани кои се насочени кон замолчување на новинарите и влијание врз нивната работа. Таков однос кон новинарите е и ќе биде недозволен додека јас сум државен јавен обвинител. Сакам јавноста да знае дека приоритет на јавното обвинителство е заштитата на јавниот интерес и правата и слободите на граѓаните и затоа јас како државен обвинител ниту одобрувам, ниту толерирам притисоци и закани, без оглед од кого и да доаѓаат и сум одлучен да ги преземам сите законски мерки со кои моите вербални заложби ќе се покажат на дело, рече тој.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски, истакна дека има многу простор за работа во делот со безбедноста на новинарите, и дека најнебезбедни услови за работа има во онлајн медиумите. 

- Загрижуваат вербалните напади, навредите, омаловажувањата, особено преку социјалните мрежи, кои воопшто не се наивни и не смее да се сметаат за безопасни. Дури 45 проценти од новинарите доживеале некакви омаловажувања или дискредитација, а 25 проценти некаков тип на закани и заплашувања. Исто така, интересен е и податокот дека на прашањето дали по нападот добиле некаква поддршка од државните институции само 14 проценти одговориле позитивно.  Овој податок ни укажува дека постои уште многу празен простор за дополнителна работа и соработка помеѓу соодветните државни институции и новинарските организации со цел подобрување и на комуникацијата и на одговорите и адресирањето на нападите врз новинарите, истакна Беловски.

Според податоците кои беа споделени на прес-конфренцијата од 2006 до 2024 година убиени се над 1700 новинари и медиумски работници ширум светот, при што во речиси 90 проценти од случаите изостанала правдата, односно или не се расчистени случаите или нема судски епилог. Од почетокот на судирот во Газа лани во октомври животот го загубиле 146 медиумски работници. 

Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата врз новинарите , 2-ри ноември, е признаен од страна на Обединетите нации. Овој ден се одбележува за да се сврти вниманието на прашањето за неказнивост, што се однесува на неизведувањето пред лицето на правдата на сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници.

Според податоците од Регистарот на ЗНМ, бројот на напади врз новинари во последните три години е во опаѓање. Во 2022 година се регистрирани 7 напади, од кои 2 случаи се со судска разрешница, во 2023 година бројот на напади е 5, исто така со 2 случаи со судска разрешница, додека во 2024 година се регистрирани 4 напади, без судска разрешница.

Во контекст на SLAPP тужбите кон новинари и медиумски работници, бројките покажуваат пораст од 4 тужби во 2021 година, до 8 тужби во 2024 година. ар/aa/

Фото: МВР

Остани поврзан