• недела, 24 ноември 2024

Земји каде што Нова година и Божик се забранети

Земји каде што Нова година и Божик се забранети

Пјонгјанг, 2 јануари 2024 (МИА) - За голем дел од светот, деновите околу Нова година и Божик се најочекуваното, најраскошното, најубавото време во годината. Но, овие празници во некои земји се забранети или условно ограничени - поради разни причини и правила. Следат пет држави каде што новогодишната еуфорија не е така добродојдена.

Саудиска Арабија

Забраната на божиќните и новогодишните забави во оваа претежно муслиманска земја на Блискиот Исток, важеше до пред извесно време, под изговор дека жителите и туристите мора да го следат лунарниот, а не Грегоријанскиот календар. Но, престолонаследникот Мохамед бин Салман олабави некои од тие строги религиозни правила... Иако прославата на западните празници Ден на вљубените и Ноќ на вештерките, сè уште е забранета.

Пазарите во земјата денес го содржат секој предмет поврзан со Дедо Мраз што може да се замисли - новогодишни елки, украси, лажен снег, па дури и црвената капа на „дебелкото со бела брада“ со бело топче на врвот.

Таџикистан

Оваа држава во Средна Азија, од друга страна, изминатово десетлетие постепено ги заостри ограничувањата во врска со Нова година. Работите тргнале во таа насока 2013 година откога на Дедо Мраз „му е забрането“ да се појавува на телевизија, па следеа и неупотребата на огномет, и на прописите за вообичаените празнични оброци и подароци... Во училиштата и универзитетите, на пр., не е дозволено поставување елка - „било таа да е жива или вештачка“, се вели во Уредбата на Министерството за образование.

И прославите на Ноќта на вештерките се забранети во Таџикистан. А пак, погребите и свадбите, исто така, се предмет на строги правила и прописи.

Кина

И најголемата нехристијанска држава во светот е „растргната“ меѓу тоа - да се заштитат изворните традиции, обичаи и култура - и усвојувањето на западните влијанија. Властите ги следат новогодишните собири. Комунистичката партија на Кина, на пр., им забранува на своите членови, владините агенции, па дури и на универзитетите да учествуваат во какви било прослави, додека на социјалните мрежи со слогани се охрабруваат луѓето да го бојкотираат Божиќ.

- Политиката на Владата е суштински да се погрижи Црквата да ги стави партијата и државата над религијата, изјави Шинг Ханг, вонреден професор на Универзитетот Брандејс.

Во одредени области, сè уште е недозволено да се прославува. Таков е градот Венжу, каде што на сите училишта и јавни центри им е забрането да учествуваат во божиќни и новогодишни активности.

Брунеј

Во 2014 година, Хасанал Болкијах - султанот на оваа мала далекуисточна исламска апсолутна монархија, соопшти дека празничните новогодишни прослави се забранети затоа што „има стравувања дека тие веселби би можеле да го одведат муслиманското население на погрешен пат“ во таа држава богата со нафта.

Луѓето - жители на Брунеј од другите верски заедници сè уште можат да прославуваат, но само ако тоа го чинат зад затворени врати и во целосна приватност, но и со дозвола од властите. Ако се случи забава на Божик без соодветно известување на надлежните, казната е над 18.000 фунти, затвор од пет години, или и двете.

Северна Кореа

Државата на Ким Јонг-ун им дозволува на жителите да го почитуваат само семејството лидерот, владејачката партија и нејзините водачи, а не Исус Христос или Дедо Мраз. Божиќ не се слави во Северна Кореја откако династијата Ким почна да ги затегнува и сузбива верските слободи во 1948 година, па секој што ќе биде прогласен за виновен за славење „туѓи“ верски или световни празници, се сооочува со затвор, па и построги казни.

Во 2016 година, Ким Јонг-ун целосно ги забрани прославите на Божиќ и им порача на своите поданици да го слават 24 декември, но како датум на раѓање на неговата баба, која Севернокорејците треба да ја чествуваат на тој ден.

Според Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, во Северна Кореја се забранети сите собири кои вклучуваат пиење, пеење и друга забава. Некои луѓе сè уште тајно слават одредени денови, но под постојана присутна закана и страв.  си/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан