За спас на Балуку, албанските социјалисти почнаа постапка за измени во надлежностите на Уставниот суд
- Со измените опфатени функции против кои не може да се изрече мерка за суспензија од функцијата и тоа шеф на државата, народен правобранител, премиер, заменик-премиер и министри.
Тирана, 16 февруари 2026 (МИА) - Албанските владејачки социјалисти, како што претходно најави лидерот и актуелен премиер, Еди Рама, ја почнаа постапка за измени во Уставот, во делот каде што се дава право за суспензија од функцијата на највисоките државни раководители.
Во таа насока пред пратеничката група на партијата, поранешниот министер за правда и претседател на законодавната парламентарна комисија, Улси Мања, го презентираше предлог-амандманот, оценувајќи дека не станува збор за лични привилегии туку дека целта е да се гарантира функционирањето на институциите.
Со измените опфатени функции против кои не ќе може да се изрече мерка за суспензија од функцијата се шеф на државата, народен правобранител, премиер, заменик-премиер и министри.
- Зошто ги избравме овие субјекти? Тие се институции кои произлегуваат од Уставот и ги сочинуваат главните столбови на владеењето на правото, тие се темелите на владеењето на правото. Целта е да се гарантира нормално функционирање на државните институции и да се воспостави рамнотежа, објасни тој, посочувајќи дека измената не ја нарушува надлежноста на судот.
Ова следува откако судот го отфрли барањето на Рама за поништување на одлуката за суспензија на Белинда Балуку, вице-премиерка и министерка за инфрастуртура, по што тој најави измени во надлежностите на оваа висока судска инстанца.
Инаку, Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) на 31 октомври минатата година поднесе обвинение против Балуку, во рамки на истрага поврзана со тендерските постапки за тунелот Логара, дел од проектот за Големата обиколница во Тирана, како и други инфраструктурни проекти.
Дваесет дена подоцна судот на Балуку ѝ изрече две безбедносни мерки „суспензија од вршење на должност и функцијата“ и „забрана за напуштање на земјата“.
Премиерот Еди Рама ја сметаше оваа одлука за кршење на неговите уставни овластувања и поднесе жалба до Уставниот суд, тврдејќи дека специјалниот суд се вмешал во овластувањата на извршната власт, поточно, во правото на премиерот, да суспендира или разрешува членови на владата. Откако судот го отфрли барањето на Рама, тој најави измени во надлежностите на Уставниот суд, кои имајќи го в предвид бројот на пратеници во парламентот гласањето за предлог-амандманот ќе биде формално. вт/сд/
Фото: Мања Фејсбук