• петок, 08 ноември 2024

За првпат во Прага се оддржува регионалната безбедносна конференција „Глобсек“

За првпат во Прага се оддржува регионалната безбедносна конференција „Глобсек“

Прага, 30 август 2024 (МИА) – Во Прага денеска почнува тридневната регионална безбедносна конференција Глобсек, на која ќе учествуваат десет шефови на држави и влади, 20 министри за одбрана и за надворешни работи, како и лидерите од Западен Балкан.

Форумот Глобсек, 19-ти по ред, за првпат после 18 години не се одржува во Словачка поради тензиите во односите меѓу нејзиниот премиер Роберт Фицо и невладините организации, а улогата на домаќин ја понуди Прага, а покровителство на дебатата за „Скротување на бурата“ го презеде претседателот на Чешка, Петр Павел.

Како што е најавено, ќе се разговара како да се решат кризите предизвикани од воените конфликти во Украина и Газа.

- Мораме да се справиме со хибридната војна што ја води Русија, но и со исходот од суперизборната година во многу земји, пред сè во САД, рече основачот на овој форум за безбедност Роберт Вас.

Форумот ќе го отворат чешкиот претседател Павел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Српскиот претседател Александар Вучиќ заедно со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ в сабота ќе учествува на панел дебата на тема пристапување на Западен Балкан во Европската унија, а чешкиот претседател Павел најави билатерални средби со сите четворица претседатели од балканскиот регион.

Поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и поранешниот македонски претседател Стево Пендаровски, учествуваат на дебатата Западен Балкан на раскрсницата меѓу Западот и Истокот, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, ќе биде еден од говорниците во дебатата за тоа колку се кревки либералните демократии.

На Глобсек годинава ќе учествуваат шефови на држави и влади и министри за одбрана и надворешни работи од 27 земји, а покрај нив, на форумот учествуваат претставници на големи компании, интелектуалци, претставници на невладини организации, вкупно околу 2.000 учесници од 70 земји. јт/

Остани поврзан