• четврток, 26 декември 2024

Зајакнатата меѓународна соработка клучна за одржливо управување со миграциите во Западниот Балкан

Зајакнатата меѓународна соработка клучна за одржливо управување со миграциите во Западниот Балкан
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Клучна активност на нашиот пат за одржливо управување со миграциите на Западен Балкан претставува напредокот во реализирање на меѓународната прекугранична соработка, зацврстената меѓународна доверба и зголемената размена на информации која е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент уште поповолен, а со тоа уште побрз и напредокот во европските интеграции, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција, одржана во рамки на Министерската конференција за одржливо управување со миграции во Западен Балкан. Тој нагласи дека менаџирањето со миграции е комплексен безбедносен предизвик со кој веќе подолг период се соочуваме како држава, но и како регион во целина, бидејќи Балканскиот Полуостров е дел од мигрантските рути и подрути кои водат од Азија и Африка кон Централна и Западна Европа. - Нелегалните миграции се секојдневна тема на дискусија и дејствување на полициските служби во нашиот регион и во Европа, каде притисокот и транзитот на нелегалната миграција и во 2022 година останува висок, а криминалот со криумчарењето на мигранти поради побарувачката за криминални услуги и понатаму е привлечен и многу профитабилен за криминалните групи. Актуелните воени и политичко-безбедносни кризи на Блискиот и Средниот Исток и неповолната економска и социјална состојба во матичните држави влијаат за обиди за влез и транзит на нелегални мигранти низ нашата земја, наведе Спасовски. Министерот додаде дека на нашата јужна граница веќе седум години споделуваме заедничко искуство на работење со странски полициски службеници, преку континуирано имплементирање на меѓународната заедничка операција со помош на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) во која учествуваат полицајци од осум европски земји, од кои седум се членки на ЕУ, со максимален број од 160 распоредени странски полициски службеници. Спасовски изрази задоволство што Министерството за внатрешни работи, заедно со ИОМ, во рамките на чешкото претседателство на Советот на ЕУ, е кооргинизатор и домаќин на Министерската конференција за одржливо управување со миграција во Западен Балкан. - Потпишувањето на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ за определени оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија со гордост го промовираме во последниов месец и на меѓународно и на национално ниво за нас има повеќе значење. Со ратификацијата на договорот со цел обединување на силите и зајакната координација се отвора можност за распоредување на персонал на ФРОНТЕКС во земјата. Со тоа дополнително ќе бидат регулирани и прецизирани политиките и практиките за заштита на границите што, пак, ќе придонесе за јакнење на капацитетите за контрола на миграциите особено на нелегалните, истакна Спасовски. Генералниот директор на ИОМ, Антонио Виторино во името на Организацијата изрази задоволство од резултатот што е постигнат на Конференцијата. - Декларацијата која што овде е прифатена помеѓу сите претставници на земјите од Западен Балкан е посветеност за подобрување на соработката во правец на борба против нелегалната миграција и нелегалните текови со прекуграничниот криминал, наведе Виторино. Тој нагласи дека ИОМ ги поддржува сите земји од Западниот Балкан. - Ние сме Агенција на ОН за решавање и борба против нелегалните миграции и ги поддржуваме сите земји од Западен Балкан за безбедно, сигурно и непречено консолидирање на институциите во борбата против нелегалната миграција. Ние сме тука исто така подготвени да ги заштитиме жртвите од нелегалната миграција, потенцијалните жртви на нивните групи и посветени во тој правец им помагаме на државите. И ние ќе им помогнеме на државите за подобра контрола, размена на информации за подобра заштита на мигрантите коишто поминуваат низ земјите од Западен Балкан, заклучи Виторино. Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ, осврнувајќи се на миграциската криза што се случи пред три години во неговата земја нагласи дека, со помош на меѓународните организации дошле до ситуација која што можат лесно да ја решат. - И никој од државите на Западен Балкан, а и на пошироката рута од државите, не може со овој проблем да се занимава сам и оваа Конференција потврди дека нашата заедничка соработка е клучна. Решенијата што ги бараме обично се многу сложени и патиштата за премин низ тие проблематични ситуации се обично многу тесни. Никој од тие мигранти не тргнува на овој опасен пат поради добри причини и многумина од нив тој свој пат го завршија или во Средоземното Море или во планините на Балканот, наведе Цикотиќ. Тој нагласи дека мигрантите не ја комплицираат само безбедноста, туку и обичниот живот и комфорот на граѓаните од нашите држави и затоа, како што додаде, ние со овие миграции мора да се занимаваме како со едно сложено и комплексно прашање. - Тоа што денешната конференција го нагласи е потребата да ги чуваме правата и безбедноста на нашите граѓани, но од друга страна и правата и можностите за мигрантите во тој тесен меѓупростор треба да бараме решенија за овие мигрантски текови. Како и претходните конференции и оваа не даде конечен одговор за овие прашања, но придонесе кон наше подобро разбирање и секако кон подобра можност да ги решаваме овие прашања во иднина, заклучи министерот за безбедност на БиХ. Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ потенцираше дека по Берлин и Тирана, Министерската конференција е уште една шанса сите да се соберат заедно и да се обидат да дискутираат за проблемите со коишто не можат да излезат на крај и многу поголеми држави и да најдат заеднички решенија за нив, бидејќи поединечно државите не можат самостојно да ги решат. - Наша определба е да се поврзуваме со државите од регионот и од ЕУ и заеднички да ги бараме решенијата за проблемите во регионот. Наша задача е да воведеме заедничка регистрација и идентификација на мигранти за да можеме преку неа подобро да ги следиме овие движења и да соработуваме подобро со државите од регионот. Значително е што и на оваа конференција добив уверување од нашите меѓународни партнери дека нивната поддршка ќе биде зголемена и дека со нивна помош ќе можеме подобро да ги извршуваме нашите задачи. И добро што ваквите конференции и настани даваат можност и заедничка сила на сите држави од регионот заеднички да се спротивставиме на сите негативности што се иманентни во овој дел на Балканот, заклучи Аџиќ. см/

Остани поврзан