• среда, 25 декември 2024

Законот за климатска акција и негова доследна имплементација пресвртница во заштитата и унапредувањето на животната средина во земјава

Законот за климатска акција и негова доследна имплементација пресвртница во заштитата и унапредувањето на животната средина во земјава

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) - Посеопфатни програми за справување со климатските промени и стабилно финансирање на конкретни акции за намалување на штетните емисии на стакленички гасови се дел од очекувањата на македонската делегација која ќе учествува на 29-та климатска конференција на Обединетите Нации, која ќе се одржи од 11 до 22 ноември во Баку, Република Азербејџан. COP 29 е клучна платформа за усогласување на меѓународните климатски политики.

На настанот организиран од Програмата за развој на Обединетите нации, во соработка со Kабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претседателката Гордана Сиљановска Давкова која ќе ја предводи македонската делегација на СОР 29, во Баку, ја истакна важноста на новиот Закон за климатска акција и негово доследно имплементирање.

-Со Законот за климатска акција, ние практично ќе имплементираме дел од можеби најтешкиот и најскап кластер во преговорите за членство во Европската Унија, а тоа е „Зелената агенда и одржливото поврзување“. Овој кластер во себе ги вклучува поглавјата за транспорт, енергетика, трансевропски мрежи и животна средина и климатски промени. Се проценува дека само за транзиција кон обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност се потребни околу 3.1 милијарди евра, истакна претседателката.

Во таа насока, додаде таа, COP29 ќе биде од суштинско значење и за обезбедување средства за имплементација.

-Затоа, ние мора да ги презентираме нашите стратегии, планови и активности и да бараме финансиски средства за нивно спроведување.  Финансирањето е клучот за имплементацијата, особено на декарбонизацијата на енергетскиот сектор, порача претседателката Сиљановска Давкова.

Според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, најголем дел од овие средства се очекува да дојдат преку инвестициите на приватниот сектор во обновливите извори на енергија. Но, додава таа, останува на државата да изгради базни капацитети кои ќе овозможат напуштање на јагленот како гориво и изградба на потребната енергетска инфраструктура.

-Препознавајќи ги овие потреби, ја воспоставивме Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, рече Божиновска.

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, потврди дека проширениот состав на државната делегација на COP 29 е доказ за сериозноста со која се пристапува кон предизвикот на климатските промени.

-  Прв пат, во делегацијата учествуваат и претставник на ЦУК и директорот на УХМР, со што ја потврдуваме важноста на улогата на овие институции за развивање политики за намалување на последиците од катастрофите и екстремните временски прилики предизвикани од климатските промени, рече Меџити.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на обединетите нации, Армен Григорјан, рече дека УНДП и во наредниот период ќе продолжи со силната поддршка на климатската акција во државата.

-Климатските промени не се предизвик со кој државите можат да се соочат самостојно. Климатските промени не познаваат граници. Затоа е неопходен интегриран, заеднички пристап на сите чинители. Како и во минатите 20 години, Програмата за развој на Обединетите Нации, ќе продолжи со силната поддршка на државата преку повеќе проекти како за намалување на емисиите на стакленички гасови, адаптација кон климатските промени и зголемување на отпорноста со што ќе се засили климатската агенда во државата, изјави Григорјан.

Тој презентираше и истражување на јавното мислење за климатските промени спроведено од УНДП и Оксфорд Универзитетот во 2024  во кое биле опфатени 73 000 лица во 77 земји во светот, што претствува 87 проценти од светската популација. Според анкетата, владите се посочени како институции со најголемо влијание во адресирањето на климатските промени. Во 89 проценти од земјите опфатени со истражувањето, 43 проценти од луѓето сметаат дека владите имаат најголемо влијание во справувањето со климатските промени во однос на која било друга група. Мнозинството од луѓето, односно на глобално ниво четири од пет луѓе или 80 отсто, сакаат нивните замји да ја зајакнат посветеноста во однос на адресирање на проблемот на климатските промени. 

Конференција на страните за климатски промени (COP) започнува во 1995 година со првата Конференција одржана во Берлин, по донесувањето на Конвенцијата за Климатски промени од страна на Обединетите нации во 1994 година. Отогаш до денес COP служи како клучна платформа за преговарање за меѓународните климатски политики, унапредување на климатските активности и поттикнување на глобалната соработка за да се постигне одржлива иднина. вг/лв/

Фото: МИА/Кабинет на Сиљановска Давкова

 

Остани поврзан