• недела, 24 ноември 2024

Заев: Францускиот предлог можеби не е најдобар, но е добра основа за почеток на преговори со ЕУ

Заев: Францускиот предлог можеби не е најдобар, но е добра основа за почеток на преговори со ЕУ
Атина, 5 јули 2022 (МИА) – Верувам дека овие денови Северна Македонија и Европската Унија прават историски чекор напред. Последниот предлог на француското претседателство е добра основа за Северна Македонија да го почне преговарачкиот процес што за сите земји започнува со меѓувладина конференција и со скрининг, порача поранешниот премиер Зоран Заев говорејќи на годинешната конференција на Економист што се одржува во Атина, јави дописничката на МИА од Атина. -Секако, предлогот не е најдобриот, но, ние сме Балкан. Треба да го искористиме моментумот, имајќи на ум дека најважните прашања за нас, нашиот идентитет, Македонци од Северна Македонија и нашиот македонски јазик се ставени во преговарачката рамка, јасно, како и сите други јазици и ќе стане иден официјален јазик на Европската унија, рече Заев и додаде дека треба да се земе предвид и да се искористи фактот што „ЕУ во иднина ќе биде на маса со нас и Бугарија, дури и за билатерални прашања, преку преговарачкиот процес“. Заев истакна дека она што е важно е дека се гранатирани македонскиот идентитет и јазикот, изрази надеж дека францускиот предлог ќе добие мнозинство во Собранието, а актуелната Влада ја советуваше да покаже лидерство. -Ја советувам Владата да преземе лидерски одлуки, тоа го сторивме со мојот пријател Алексис Ципрас со потпишување на Договорот од Преспа што донесе стабилност, донесе добри пораки до Европската Унија дека овде на Балканот, на европски начин можеме да најдеме решение на многу тешки прашања, преку дипломатија и дијалог и продолжуваме да сме добар пример за Европската Унија и се надевам дека Северна Македонија ќе продолжи и преку прифаќањето на предлогот од ЕУ и конечно после 17 години ќе почне преговори, рече Заев и додаде дека процесот ќе ги охрабри и останатите земји од регионот. Истакна дека Северна Македонија донесе многу тешки одлуки во изминатите неколку години. Земјата испорача мир и стабилност во регионот и во Европа, заедно со реформите во земјата, а паралелно потенцираше дека стратешкиот интерес на земјата е веднаш да започне преговори за членство со ЕУ. На присутните на конференцијата им објасни дека ова е „драматичен момент во Северна Македонија“, бидејќи во тек е процес на консултации на Владата со опозициските партии, со владините партии со експерти итн. Рече дека денеска, утре или задутре Собранието ќе треба да гласа и изрази уверување дека ќе постои мнозинство, истакнувајќи дека „она што е важно е да одиме напред кон ЕУ бидејќи нема алтернатива“. ср/сст/

Остани поврзан