• среда, 13 ноември 2024

Завршни отворени средби на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во Струга и Скопје

Завршни отворени средби на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во Струга и Скопје

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Со настани во Струга и Скопје, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) го заокружува годинешниот циклус отворени средби со граѓаните, претставниците на граѓанскиот сектор и на локалните институции. Отворената средба во Струга ќе се одржи денеска во 11:30 часот во салата на Советот на Општина Струга, а утре во Скопје во 10:30 часот во салата на Советот на Град Скопје.

Овие средби, што се реализираат со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, се дел од активностите на Комисијата за зголемување на транспарентноста и приближување на својата работа до граѓаните. Дополнително, ваквите настани нудат можност за продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор и институциите на локално ниво, со цел подигнување на степенот на препознавање на различните облици на дискриминација, како и за подобра меѓусебна координација во нејзиното сузбивање.

-Организацијата на ваквите отворени средби одново покажа дека директната комуникација со граѓаните, НВО-активистите и претставниците од институциите на локално ниво е особено корисна алатка која на нас во Комисијата ни овозможува „од прва рака“ да се запознаеме со предизвиците, но истовремено и да ги објасниме нашите надлежности, начинот на работа и постапување по предметите. Покажаниот интерес од граѓаните и одличните дискусии кои се водеа на овие средби ни покажуваат дека довербата на јавноста во нашата работа се движи во нагорна линија, што дополнително нѐ охрабрува да продолжиме со организација на ваквите форуми“, истакна Весна Бендевска, членка на КСЗД.

Покрај претстојните настани во Струга и Скопје, во овој циклус отворени средби со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација веќе се одржаа настани во седум општини – Крива Паланка, Гостивар, Гевгелија, Кавадарци, Берово, Прилеп и Шуто Оризари. ев/са/

 

Остани поврзан