• среда, 13 ноември 2024

Жителите во Прилепско бараат заштита од опасните дрвокрадци

Жителите во Прилепско бараат заштита од опасните дрвокрадци

Прилеп, 2 февруари 2021 (МИА) - Жителите и сопственици на имоти во прилепските села Оревоец и Крстец реагираат и апелираат надлежните да му застанат на патот на дрвокрадството кое зема замав и пустоши хектари шуми, расадници и имоти, а жителите се плашат и за својот живот зашто дрвокрадците се осилени и дека преку цел ден го уништуваат шумското богатство.

Според Кире Трајкоски, споственик на имот во селото Оревоец, ситуацијата е катастрофална.

- Ситуацијата со крадењето дрва е катастрофална. Се уништуваат шуми, расадници, некој има по 40, а некој по 100 декари имот. Сѐ се уништува. Постојано пријавуваме во полиција. Имаме долго време петиција на жителите за да ни се помогне. Но тешко е, вели Трајкоски.

Саво Николоски, вели дека има три хектари шума, но, дека веќе половината од неа е целосно уништена.

- Јас овде в село имам околу 3 хектари шума. Уништена ми е половината. И тоа сто насто. Наскоро сѐ ќе биде уништено. Во планината се речиси 100 хектари шума. Ништо не помага: ниту шумската полиција, ниту полицијата, ниту институции. Сега во моментов има влезено 40 шпедитери. Секој по два кубни метри дрво, тоа се 80 кубици. Секој ден по 80 кубни метри дрво, колку е тоа? Ќе мора да се реагира. Ако не, креваме раце. А тие го уништуваат нашиот воздух, вели Николоски.

Лазо Велкоски од селото Крстец вели дека немо го посматраат сето уништување, зашто се плашат за своите животи.

-Јас сум од атарот на селото Крстец. Имам два хектари шума. Сега да појдете, нема да најдете дрво. И во расадниците сѐ е исечено: и цреши, сливи, секакви дрвја. Ова не може да биде вака.Не знам до каде ќе одиме вака. Ова не храни. Ова е кислород. Ние работиме во бавчите, викаме, но залудно. Се собираат 5-6 души, се закануваат, не смееш да се спротивставиш, објаснува Велкоски.

Од прилепската шумска полиција признаваат дека дрвократството зема замав и ескалира. Тоа е организиран криминал со кој тешко се справуваат. Им недостасуваат технички средства. Најнападнати се реоните на Дервен, Оревоец, Крстец, Плетвар, Долненско. Се закануваат и се опасни. Неопходни се ригорозни мерки и законски измени за потешки казни. ем/сст/

Остани поврзан