• среда, 25 декември 2024

ЕУ потпиша договор за статусот на Фронтекс со Албанија 

ЕУ потпиша договор за статусот на Фронтекс со Албанија 

Брисел, 15 септември 2023 (МИА) - Европската Унија и Албанија денеска потпишаа нов Договор за оперативна соработка во управување со границите од страна на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс), соопшти Европската комисија. 

- Договорот е резултат на Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан. Зајакната оперативна соработка меѓу партнерите од Западен Балкан и Фронтекс ќе придонесе за справување со нерегуларната миграција и прекуграничниот криминал и дополнително ќе ја зајакне безбедноста на надворешните граници на ЕУ, се наведува во соопштението на ЕК. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, новиот Договор ќе ја замени претходната спогодба за статусот на Фронтекс од 2019 година и со него ќе се овозможи распоредување на припадници на Постојаниот корпус на Европската агенција на целокупната граница на Албанија, не само кон ЕУ.  

Договорот го потпишаа претставници на Советот на ЕУ, Европската комисија и албанската Влада. Тој ќе стапи во сила на првиот ден од вториот месец по датумот на кој Албанија и ЕУ меѓусебно ќе известат за завршувањето на нивните процедури за ратификација на документот, но согласно договореното со албанскиот Парламент, договорот ќе може да се применува привремено и пред неговата ратификација. 

Покрај контрола на границите на ЕУ, Фронтекс им мисија за помош во надзорот на граничните линии и на други земји кои не се членки на Унијата, за што се склучуваат посебни договори. Договори за соработка за Фронтекс, ЕУ досега има потпишано со Северна Македонија, како и со Молдавија, Србија и Црна Гора.  

Со новата регулатива на Европската агенција за гранична и крајбрежна заштита од 2019 година, Фронтекс може да им помага на земјите со кои има договори за соработка на целата нивна територија, а не само во регионите што граничат со држави членки на ЕУ, како што беше случајот со претходните правила. Новата регулативата, исто така, на припадниците на Фронтекс им дава и извршни овластувања, како што се гранични проверки и регистрација на лица. сп/ 

Фото: МИА Архива

Остани поврзан