• недела, 24 ноември 2024

ЕУ одвои 2,1 милиони евра за обнова на училишни спортски сали во БиХ

ЕУ одвои 2,1 милиони евра за обнова на училишни спортски сали во БиХ

Брисел, 6 септември 2023 (МИА) - Во рамки на програмата „ЕУ за спорт“ („EU4Sport“), Европската унија одвои 2,1 милиони евра наменети за реновирање на 18 спортски сали во образовни институции во Босна и Херцеговина, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Реализацијата на проектот е започната од вчера со стартот на градежните работи за реконструкција на салата во Училишниот центар за рехабилитација на слухот и говорот во Сараево. 

Во соопштението се посочува дека со обновата на салата во овој Училишен центар, ќе се создадат услови за фискултурни и спортски активности на околу сто ученици кои тука посетуваат настава, како и за децата од други училишта кои секојдневно доаѓаат во објектот на индивидуална рехабилитација. Предвидено е реконструкцијата на салата да заврши до ноември. 

По повод стартот на градежните работи, шеф на делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер изјави дека сите деца заслужуваат можност да се занимаваат со спортски активности, бидејќи постои силна врска помеѓу физичката и менталната благосостојба. 

- Инвестирањето во спортот ќе им помогне на децата да станат поенергични, посамоуверени и посреќни граѓани. Драго ми е што Училишниот центар за рехабилитација на слухот и говорот во Сараево е првото училиште што се реновира во рамките на овој проект и со нетрпение очекувам да ги видам резултатите. Оваа помош е уште еден јасен пример за поддршката на ЕУ и дополнителна демонстрација за дека ние сме сигурен пријател и партнер, силно посветени на сите граѓани на БиХ, рече евроамбасадорот Сатлер. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, покрај во Центарот за рехабилитација во Сараево, во рамки на програмата „ЕУ за спорт“ ќе бидат реновирани и спортски сали во основни училишта во Устиколина, Горњи Вакуф-Ускопље, Зеница, Високо, Вогошќа, Купрес, Тешањ, Рогатица, Теслиќ, Шипово и Источно Ново Сараево, како и на сараевскиот Факултет за спорт и физичка култура.  

- „ЕУ за спорт“ е еден од бројните проекти на Европската Унија во Босна и Херцеговина, чија цел е зајакнување на квалитетот на образованието, како еден од клучните елементи на развојот на земјата, се додава во соопштението на ЕЕАС. сп/

Фото: Делегација на ЕУ во Бих

Остани поврзан