• сабота, 23 ноември 2024

ЕУ најави испраќање дополнителна помош за поплавените подрачја во Либија 

ЕУ најави испраќање дополнителна помош за поплавените подрачја во Либија 

Брисел, 14 септември 2023 (МИА) - ЕУ информира дека преку својот Механизам за цивилна заштита, продолжува да ја поддржува испораката на хуманитарна помош за Либија, по поплавите што го зафатија реонот на градот Дерна во североисточниот дел на земјата, предизвикувајќи огромни материјални штети и најмалку 5.300 загинати. 

Како што соопшти денеска Европската комисија, новата понуда за помош од ЕУ вклучува медицински тим од 53 лица од Франција, потоа шатори, тешка механизација, еден специјализиран тим за нуркање со три чамци и две транспортни возила и два хеликоптери за пребарување и спасување од Италија, како и тим за техничка експертиза составен од експерти за ИТ, логистика и мапирање од Холандија. 

- Овие понуди доаѓаат како дополнување на помошта што веќе ја обезбедија Германија, Романија и Финска во форма на објекти за сместување, генератори, прехранбени производи, болнички шатори и резервоари за вода, се наведува во соопштението. 

ЕУ вчера информира дека првично се обезбедени 500.000 евра хуманитарни средства за справување со најитните потреби на луѓето во Либија, погодени од поплавите предизвикани на бурата „Даниел“. 

- Експерти за хуманитарна помош на ЕУ се испратени на терен за брзо да ги проценат новите хуманитарни потреби. Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ е подготвен да ги координира дополнителните понуди за помош, се додава во соопштението. 

По повод новата обезбедена помош за Либија, еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич им изрази благодарноста на сите членки на ЕУ, кои ја пружаат „својата дарежлива поддршка и помагаат да се спасат животи во оваа критична вонредна состојба“. 

- Вонредната состојба по поплавите во Либија предизвика брза поддршка од земјите членки на ЕУ. Има нови понуди од Франција, Италија и Холандија за медицински персонал и опрема, чамци за спасување, хеликоптери и друга витална помош, додаде Ленарчич. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан