• четврток, 26 декември 2024

ЕУ воведе санкции кон уште шестмина Руси поради кибер напади врз земјите членки и Украина 

ЕУ воведе санкции кон уште шестмина Руси поради кибер напади врз земјите членки и Украина 

Брисел, 24 јуни 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска донесе одлука за воведување на рестриктивни мерки против шест лица вклучени во кибер напади врз информациските системи, поврзани со критичната инфраструктура, државни институции, оддели за складирањето или обработката на доверливи информации, како и со владините тимови за одговор при итни случаи во земјите членки на Унијата.  

Како што соопшти Советот, со оваа одлука првпат се преземаат рестриктивни мерки против „кибер криминалните актери“, кои вршат напади врз софтверите за основни услуги, како што се здравството и банкарството. 

На листата на санкционира на ЕУ поради кибер напади се додадени двајца членови на групата „Калисто“, Руслан Перетјатко и Андреј Коринец, Олександр Склианко и Микола Черних од хакерската група „Армагедон“, како и Михаил Царев и Максим Галочкин. 

- „Калисто“ е група руски воени разузнавачи кои спроведуваат кибер операции против членки на ЕУ и трети земји преку постојани кампањи насочени кон кражба на чувствителни податоци во критичните државни институции, вклучително и одбраната и надворешните односи, се наведува во соопштението. 

„Армагедон“ е хакерска група поддржана од руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), која изврши различни кибер напади што имаа значително влијание врз владите на земјите членки на ЕУ и Украина, вклучително и со користење на електронска пошта и малициозен софтвер. 

- Дополнително, санкционирани се и Михаил Царев и Максим Галочкин, клучните играчи во распоредувањето на злонамерните програми „Конти“ и „Трикбот“ и вклучени во „Визард спајдер“. „Трикбот“ е злонамерна програма на шпионски софтвер, создадена и развиена од групата за закани „ Визард спајдер“, која спроведува кампањи во различни сектори, вклучувајќи ги и основните услуги, како што се здравството и банкарството, и затоа е одговорна за значителна економска штета во Европската Унија, наведува Советот. 

Со режимот на санкции на ЕУ поради кибер напади во моментов се опфатени 14 поединци и четири ентитети. Санкциите опфаќаат забрана за ставање средства на располагање на санкционираните лица и субјекти, како и замрзнување на нивниот имот, а дополнително на поединците и забрането патување во ЕУ. 

- Со овие нови мерки, ЕУ и нејзините земји членки ја потврдуваат својата подготвеност да ги засилат напорите за да обезбедат посилен и поодржлив одговор на постојаните малициозни кибер активности насочени кон ЕУ, нејзините земји членки и партнери. Ова е во согласност со заедничките напори со нашите меѓународни партнери, како што се Обединетото Кралство и САД, да попречување и одговор на кибер криминалот. ЕУ останува посветена на глобален, отворен и безбеден кибер простор и ја повторува потребата од зајакнување на меѓународната соработка за да се промовира поредокот заснован на правила во оваа област, се додава во соопштението. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, одлуката и соодветните правни акти за нејзина имплементација веќе се објавени во Службениот весник на Европската Унија. 

ЕУ ја воспостави Рамката за заеднички дипломатски одговор на ЕУ на злонамерни кибер активности во јуни 2017 година и таа им овозможува на Унијата и нејзините земји членки да ги користат сите мерки од заедничката надворешна и безбедносна политика, вклучително и санкции доколку е потребно, за спречување, обесхрабрување, одвраќање и одговор на злонамерните кибер активности насочени кон интегритетот и безбедноста на блокот. 

Листата на ЕУ за рестриктивни мерки поради кибер напади кои претставуваат закана за ЕУ и нејзините земји членки беше воспоставена во мај 2019 година. 

Советот посочува и дека ЕУ ќе продолжи да ја зајакнува својата соработка со партнерите, особено со Украина, за да ја унапреди меѓународната безбедност и стабилност во кибер просторот, да ја зголеми глобалната отпорност и да ја подигне свеста за кибер заканите и злонамерните кибер активности. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан