• вторник, 24 декември 2024

ЕУАА: Над 500.000 барања за азил во првата половина на 2024 година

ЕУАА: Над 500.000 барања за азил во првата половина на 2024 година

Рим, 16 септември 2024 (МИА) - Бројот на баратели на азил во ЕУ, Норвешка и Швајцарија е малку намален во првата половина од годината, но сепак изнесува над половина милион, покажаа денеска официјалните бројки, јави ДПА.

Од јануари до крајот на јуни, Агенцијата за азил на Европската унија со седиште во Малта (ЕУАА) забележа вкупно 513.000 нови барања, што е благ пад од 6.000 во споредба со првата половина на 2023 година.

Статистиката вклучува бројки од сите земји на ЕУ, како и Норвешка и Швајцарија, кои не се дел од унијата.

Најмногу апликации меѓу 29-те земји повторно се регистрирани во Германија: 124.000 или речиси четвртина од вкупниот број. Сепак, ЕУАА соопшти дека германските власти примиле околу 30.000 апликации помалку отколку во истиот период минатата година.

Околу 71.000 баратели на азил дојдоа од Сирија разурната од војна, што е зголемување од седум отсто во однос на претходната година. По нив следеа 45.000 Авганистанци кои побараа азил, што бележи намалување од 18 отсто. Од Венецуела 37.000 лица поднеле барање за азил, речиси сите во Шпанија. Во овие бројки не се вклучени приближно 4,5 милиони луѓе од Украина кои побарале засолниште во ЕУ и добиле привремена заштита од руската инвазија во февруари 2022 година.

Во споредбата ширум ЕУ, Шпанија се најде на второто место во апсолутна вредност во првата половина од годината со 88.000 апликации, приближно исто како и минатата година. Италија веднаш следеше на третото место со 85.000 апликации, што претставува зголемување од околу една третина.

По глава на жител најмногу пријави имала малата земја Кипар со 4.900.

Бројките од Обединетото Кралство, која повеќе не е дел од ЕУ, не се вклучени во статистиката.

На крајот на минатата година, ЕУ се согласи за сеопфатно заострување на заедничкиот систем за азил. Во иднина, луѓето со мали шанси за признавање ќе бидат подложени на забрзани процедури за враќање на надворешните граници на ЕУ. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан