• среда, 25 декември 2024

Етиопската полиција уапсила неколку илјади лица за време на вонредната состојба во Ахмара

Етиопската полиција уапсила неколку илјади лица за  време на вонредната состојба во Ахмара

Адис Абеба, 14 август 2023 (МИА) - Властите во Етиопија вршат масовни апсења во главниот град Адис Абеба откако владата прогласи вонредна состојба на почетокот на август по немирите во регионот Амхара, изјавија денеска адвокати и сведоци.

Етиопската влада прогласи вонредна состојба во Амхара, откако борците на локалната милиција - Фано, презедоа контрола врз неколку градови, кои армијата мораше да ги врати насилно.

Борците од Фано, кои се бореа заедно со етиопските воени сили во двегодишниот конфликт во регионот Тиграј, одбија да се распуштат по мировниот договор постигнат во ноември минатата година.

Парламентот на Етиопија денеска треба да гласа за давање формално одобрување на вонредните мерки кои им дозволуваат на властите да апсат осомничени без налог, да вршат претреси и да воведат полициски час.

Етиопската комисија за човекови права, назначена од државата, соопшти дека „има масовно апсење на цивили од амхарска етничка припадност“, повикувајќи ги федералните власти да ги прекинат апсењата.

Двајца адвокати, кои сакаа да останат анонимни заради нивна безбедност, изјавија дека вонредните мерки се во сила и во главниот град Адис Абеба, каде што осомничените се држат во полициски станици, училишта и други несоодветни центри за притвор каде што се преместени од улиците. 

Полициски извори соопштија дека во Адис Абеба се уапсени 3.000 лица.

Комисијата за човекови права на Етиопија во саботата повика вонредната состојба да се ограничи на еден месец и „на одредено место каде што се појавила одредена опасност и да не се применува низ целата земја“. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан