• сабота, 23 ноември 2024

Ердоган се пожали на, како што рече, „ЛГБТ боите“ во ОН

Ердоган се пожали на, како што рече, „ЛГБТ боите“ во ОН

Њујорк, 22 септември 2023 (МИА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера се пожали дека му било непријатно поради користењето на, како што рече, „ЛГБТ боите“ во Обединетите нации, чие седиште оваа недела беше обложено со светли бои за да ги промовира целите за одржлив развој.

Ердоган рече дека би сакал да разговара за ова прашање со генералниот секретар Антонио Гутереш, објавија турските медиуми.

Турската влада, предводена од Ердоган и неговата исламистичка Партија на правдата и развојот, го заостри својот став за слободите на ЛГБТК заедницата.

„Едно од прашањата што најмногу ме загрижува... е тоа што кога влегувате во Генералното собрание на ОН, ги гледате ЛГБТ боите на скалите и на други места“, вели Ердоган, пренесува телевизијата Хабертурк.

„Колку ЛГБТ луѓе има во светот во моментов? Сепак, тие имаат право на овие чекори, а оние кои се анти-ЛГБТ го имаат истото право“, рече Ердоган, кој често ги нарекуваше членовите на ЛГБТ+ заедницата „девијантни““, особено во текот на неговата изборна кампања оваа година.

Сепак, некои дипломати на ОН сугерираа дека Ердоган можеби ги помешал 17-те различни бои поврзани со Целите за одржлив развој што красеа делови од седиштето на ОН, вклучително и патеката за самитот што се одржа претходно оваа недела, со боите на виножитото поврзани со правата на ЛГБТ+ заедницата. ссм/

Остани поврзан