• четврток, 26 декември 2024

ЕПП ја повика ЕУ повеќе да не го признава Путин за претседател

ЕПП ја повика ЕУ повеќе да не го признава Путин за претседател

Брисел, 18 март 2024 (МИА) - Групата на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент денеска ги повика министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во Брисел да се изјаснат дека Владимир Путин повеќе не е претседател на Русија. Најголемата група во ЕП бара да се прогласат за неважечки руските претседателски избори од последните денови.

„Земјите од ЕУ треба официјално да се изјаснат дека немало избори во Русија и дека Путин не може да се смета за шеф на државата“, се вели во соопштението.

Според ЕПП, известувањето за резултатите од гласањето, податоците за високата излезност на гласачите и излезните анкети се лаги на Кремљ.

„Нема да има избор во Русија се додека политичките противници на Путин и оние кои сакаат да живеат независно од Кремљ се затворени, убиени или принудени да емигрираат. Викендов видовме специјална психолошка операција на Кремљ“, додаваат од пратеничката група.

„Во Русија немаше претседателски избори и не беше избран претседател затоа што Русите немаа избор, вели европратеникот од ЕПП Ендрус Кубилиус, чии активности ги вклучуваат односите со Москва. 

Претходно денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, објави дека резултатите од руските претседателски избори во окупираните украински региони нема да бидат признаени. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан