• среда, 13 ноември 2024

Екипиран Апелациониот суд Скопје, избрани осум судии

Екипиран Апелациониот суд Скопје, избрани осум судии

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) – Судскиот совет денеска ги избра Габриела Гајдова, Александра Ристевска, Весна Димишкова и Осман Шабани за судии од кривична област во Апелациониот суд Скопје. 

Со тоа, Судскиот совет го екипираше Апелациониот суд Скопје со вкупно осум нови судии, откако претходно на денешната седница, избра и четворица судии од граѓанската област -  судиите Александар Шопов, Ирена Костадинова Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани.

Ова е прв избор за второстепен суд спроведен врз основа на методологијата, изработена согласно новиот закон за Судски совет. 

Прворангираниот судија на конечната ранг листа за судии од кривична област, судијата Лазар Нанев, од Основниот суд Кавадарци, не беше избран за апелационен судија бидејќи доби 4 гласа "за" и 8 гласа "против" од членовите на Судскиот совет.

Весна Дамева рече дека нема да гласа за овој судија, иако е прворангиран на листата, бидејќи во изминатиот период се нашол во многу ситуации кои не се докрај расчистени. 

Лорета Георгиева рече дека не треба да се заборави презумција на невиност, бидејќи за ништо од наводите против овој судија, нема крајна одлука. - Ќе го поддржам судијата Нанев, за неговите лични и професионални квалитети, рече Георгиева.

За судија на Апелациониот суд Скопје, Советот ја избра второрангираната, судијката Габриела Гајдова, од Основниот суд Велес, која доби 12 гласа "за".

Треторангираната, судијката Оља Ристова, од Кривичниот суд Скопје, доби 8 гласа "за" и четири "против", но не го доби потребното мнозинство по Бадентер, каде доби 2 гласа "за" и три "против".

Советот не гласаше за четврторангираниот судија Ацо Тасев, од Основниот суд во Штип, кој го информирал Советот дека се повлекува бидејќи, бил избран за претседател на Основниот суд Штип.

Петторангираниот судија Бетим Јахјага, од Основниот суд Тетово, не го доби потребното мнозинство, откако за него гласаа седум члена "за" и пет "против".

Судскиот совет, ја избра шестторангираната судијка Александра Ристевска, од Кривичниот суд Скопје со 9 гласа "за" и 2 "против".

Седморангираната, судијката Даниела Алексовска Стојановска од Кривичниот суд Скопје, не го доби потребното мнозинство, откако за неа гласаа 5 члена "за" и 7 "против".

Советот не ги изгласа, ниту осмо и деветторангираните, судијката Верка Костовска, од Основниот суд Тетово и судијата Љубомир Ѓорѓевиќ, од Основниот суд Куманово, кои добија по 4 гласа "за" и 8 "против".

Десетторангираната, судијката Љубинка Башевска од Кривичниот суд Скопје, не беше избрана со 3 гласа "за" и 9 "против".

Судијката Весна Димишкова, од Кривичниот суд Скопје, како 11-рангирана доби 11 гласа "за" и еден "против" и беше избрана за судија во Апелациониот суд Скопје.

Судијата Ивица Стефановски од Кривичниот суд Скопје, како 12 рангиран, доби 6 гласа "за" и 6 "против" и не го доби потребното мнозинство.

Судскиот совет, го избра судијата Осман Шабани, од Кривичниот суд Скопје, кој како 13рангиран на листата доби 11 гласа "за" и еден "против".

За останатите кандидати од конечната ранг листа не се гласаше, бидејќи потребниот број од четворица судии веќе ја доби довербата на членовите од Судскиот совет.

На огласот за осум позиции во Апелациониот суд имало вкупно 45 кандидати, од кои 21 кандидат за четири судии за граѓанска област и 24 кандидати за четири судии од кривична област.

Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, нагласи дека ова е прво оценување согласно новата методологија, појаснувајќи дека процесот е сочинет од два дела при што едниот дел го спроведува Судскиот совет по однос на постигнатите резултати како квантитет по број на решени и укинати предмети, а другиот го спроведуваат самите судови.

Долгиот временски перидот потребен на Судскиот совет за избор на судии во повисок суд, беше посочен и во Извештајот на Европската комисија. аа/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан