• среда, 25 декември 2024

Европски ден на сеќавање го одбележува геноцидот врз Синтите и Ромите во 1944

Европски ден на сеќавање го одбележува геноцидот врз Синтите и Ромите во 1944

ЕНР – Брисел

4 август 2024

На 2 август, 1944, беа убиени последните 4,300 Синти и Роми во Аушвиц - и покрај големиот револт во логорот. Денот на сеќавање е посветен на околу 250,000 до 500,000 Синти и Роми кои беа убиени во деловите од Европа кои беа под нацистичка окупација.

Оваа година се обележува 80-годишнината од геноцидот. Денот беше прогласен за Европски ден на сеќавање во 2015 со резолуција усвоена од Европскиот парламент во април истата година.

Ромите се најголемото етничко малцинство во Европа, се проценува дека 10-12 милиони живеат во Европа - околу шест милиони во Европската Унија, според податоци од Советот на Европа. Точните бројки се непознати, бидејќи некои Роми традиционално водат номадски живот.

Во терминологијата на ЕУ, зборот Роми се користи како широк израз за етнички малцинства кои ги вклучува Ромите, Синтите и други, како и номадски групи. Членки на ЕУ во кои живее значителен број на Роми се Романија, Бугарија, Унгарија, Шпанија, Словачка и Франција.

Додека комеморацијата на геноцидот претставува симболично признавање на жртвите на нацистите, 80 години подоцна сѐ уште опстојува дискриминацијата против Ромите и Синтите. Геноцидот е извор на траума во заедницата која е сѐ уште политички, општествено и економски маргинализирана. Луѓето виновни за геноцидот или вклучени во него го попречуваа неговото признавање децении подоцна.

„Историјата на Ромите, во Шпанија и во цела Европа, е историја на прогон, негирање и заборав,“ вели Хозе Вега од Шпанската Федерација на здруженија на жените Ромки (Факали).

Несигурност за Синтите и Ромите во Европа

Според истражување спроведено во 2021 од Агенцијата за темелни права на Европската унија (ФРА) во осум држави кои се членки на ЕУ и две кои не се - 80 проценти од Ромите живеат под ризик од сиромаштија, 52 проценти страдаат од недостаток на домување и 22 проценти живеат во домови без вода.

Во април оваа година, Европската комисија им порача на земјите членки да ги зголемат напорите да се справат со високите нивоа на антициганизам и дискриминација што ги трпи Ромското население во Европа, но и да им гарантира еднаков пристап до образование, вработување и здравствена заштита.

Во Шпанија, владата проценува дека во државата живеат околу 750,000 Роми, според податоци од Министерството за социјални права. Мнозинството од нив живеат во Андалузија, Валенсијанската заедница, Каталонија и заедницата во Мадрид.

Во последниве години има значителни подобрувања за Ромското население во Шпанија, како што е законот за еднаков третман и недискриминација и реформата на Кривичниот законик со која се додаде антициганизмот како криминал од омраза - но пристапот до домување и образование сѐ уште претставуваат голем предизвик.

Во Северна Македонија, Ромите се вклучени во Уставот како една од етничките заедници што живеат во земјата, постојат неколку ромски партии и во сите состави на повеќепартиските Собранија од 1990 година имало и пратеници Роми. Во неколку Влади имало и министри Роми.

Но, од друга страна, доминантно ромските населби се наоѓаат на перифериите на градовите, најчесто се слабо урбанизирани, без најосновните урбани потреби и со супстандардни услови за живот. Според истражување на УНИЦЕФ и Светската банка, околу 30 проценти од Ромите живеат во импровизирани или монтажни објекти, а најголемиот дел од ромските населби имаат неасфалтирани улици, се без улично осветление и немаат детски градинки, училишта или амбуланти.

Извештај на ОН оценува дека постојните закони за заштита на човековите права и против дискриминацијата во Северна Македонија не функционираат совршено. Како примери на директна или скриена дискриминација се посочуваат случаи кога на млади Роми не им е дозволен влез во кафулиња, дискотеки и базени, малтретирање на припадници на ромската заедница од страна на полициски службеници, како и дискриминаторски однос кон Ромите во судовите.

За соседна Србија, Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) порача во јуни дека државата мора да направи повеќе за да се справи со дискриминацијата и говорот на омраза врз Ромите и ЛГБТИ заедницата. „Говорот на омраза против Ромите и други етнички малцинства, ЛГБТИ заедницата и бегалци/мигранти опстојува во политичкиот и јавниот дискурс,“ додаде ЕКРИ.

Во Австрија, Ромите во главно живеат во источната покраина Бургенланд, но и во поголеми градови како Виена и Грац. Луѓето ширум Аврстија сѐ уште имаат расистички предрасуди или веруваат дека тие самите се виновни за нападите и насилството врз нив. Според австрискиот историчар Стефан Бенедик, постои и расизам кој се повикува на ерата на Нацизмот низ графити ширум Австрија со пораки како „Ромите во концентрационен логор“.

Во Словенија, Ромите живеат во поголеми заедници главно во источните и југоисточните делови од државата. Имаат посебен статус во Уставот на државата како и посебни права кои им дозволуваат да ја зачуваат и развијат својата култура, јазик и наследство. Имаат и претставници во локалните совети. Посебен закон за ромската заедница беше усвоен во 2007, а постои и државен пакет на мерки за Ромите, кој во голема мера се одржува со пари од Европската унија.

Но, лошиот социо-економски статус и состојбите за домување, ниското учество во образовниот систем, невработеноста, изолацијата на некои ромски заедници и постојаните предрасуди меѓу мнозинското население продолжуваат да ја попречуваат нивната интеграција. Локалните власти на југоистокот од Словенија веруваат дека државата не прави доволно да го спречи насилството и криминалот предизвикан од некои Роми.

Во Бугарија, на 30 мај, Националниот совет за соработка за етнички и интегративни прашања заедно со Советот на министри, го одобри мониторинг извештајот за спроведување на Државната стратегија за еднаквост, инклузија и учество на Ромите од 2021 до 2030. Според извештајот, чекор кон успешна инклузија и интеграција на Ромите беше преземен во 2023 со регулаторната поставеност на финансирањето за назначување на образовни медијатори, социјални работници и помошници на наставници.

Но, еден месец претходно Амнести интернешенал го објави својот годишен извештај за состојбата на човековите права во светот, во кој ја критикуваше Бугарија за расна дискриминација и одбивање пристап на Ромите до јавни базени.

(Социјалните) медиуми потикнуваат говор на омраза и дезинформации

Во некои држави, како Италија и Бугарија, медиумите ги зајакнуваат лошите односи и предрасуди кон Ромите, покрај постоењето на закони и етички кодекси кои забрануваат говор на омраза и дискриминација. Ова го откри истражување финансирано од Советот на Европа и Европската унија во јуни.

Во Италија, медиумите често селективно ги претставуваат „Ромите како виновници или жртви во написите за помали злосторства, семејно насилство и општествени кавги во кои се инволвирани ромските заедници,“ се вели во истражувањето. „Таквите претставувања водат до негативни стереотипи, прикажувајќи ги Ромите како неодговорен клан, посебно кога станува збор за односот кон децата и жените во семејството.“

Во јули, Бугарската невладина Амалипе - Центар за меѓуетнички дијалог и толеранција објави извештај според кој дезинформации околу здравствена заштита и политика влијаеле врз ромската заедница во државата. Анализата спроведена помеѓу февруари и мај оваа година открила дека социјалните медиуми активно се користат за ширење на антисемитска пропаганда и пропаганда против вакцини во заедницата.

Се работи на нов конзорциум за истражување на Холокаустот

Ако добие одобрение од Европската комисија, Холандија ќе стане домаќин на меѓународна агенција за истражување на Холокаустот. Идејата е државите кои ќе учествуваат во конзорциумот - Холанија, Белгија, Германија, Израел, Хрватска, Аврстија, Полска, Романија, Словачка, Чешка и Обединетото Кралство - да прибираат податоци, вклучително и фотографии, видеа, хартиени и дигитални архиви.

Иако има многу информации за Холокаустот, во моментот тие се „расеани низ илјадници архиви, библиотеки, музеи и други институции“. Ваквата фрагментација, според холандскиот Министер за образование, култура и наука, Епо Бруинс и Винсент Кареманс, државниот секретар задолжен за сеќавање на војните - ги отежнува обидите на истражувачите да ги најдат сите потребни податоци. Тоа е она што агенцијата би требало да се обиде да го реши.

Фото: ЕНР/МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан