• недела, 24 ноември 2024

Европарламентот распиша конкурс за Новинарската награда „Дафне Каруана Галиција“

Европарламентот распиша конкурс за Новинарската награда „Дафне Каруана Галиција“

Брисел, 3 мај 2024 (МИА) – Европскиот парламент денеска на Светскиот ден на слободата на печатот – 3 мај објави конкурс за поднесување пријави за кандидати за Годишната новинарска награда „Дафне Каруана Галиција“. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, наградата се доделува за извонредна новинарска работа насочена кон промоција или одбрана на основните принципи и вредности на Европската Унија, како што се човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права. 

По повод објавувањето на конкурсот, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола порача дека новинарите мора да бидат слободни во вршењето на својата работа и за тоа не може да се преговара.  

- Секоја година, Европскиот парламент ја обновува својата заложба за поддршка на слободата на медиумите и печатот, во знак на почит на бестрашна жта новинарка Дафне Каруана Галиција. Дафне беше убиена, но нејзиниот дух опстојува во работата на новинарите кои исто како неа се залагаат за вистината, плурализмот и правдата. Оваа награда им припаѓа ним, нагласи Мецола. 

Право за учество на конкурсот имаат професионални новинари и новинарски тимови од која било националност кои треба да ги достават своите новинарски содржини објавени или емитувани од медиум со седиште во една од 27-те земји членки на ЕУ.  

Лауреатот ќе го избере независно жири составено од претставници на главните европски новинарски асоцијации и на медиумите и граѓанското општество од сите земји членки на ЕУ. 

Церемонијата на доделувањето на наградата во износ од 20.000 евра се одржува секоја година околу 16 октомври, датумот на кој беше убиена Дафне Каруана Галиција во 2017 година. 

Европскиот парламент последниве неколку години постојано предупредува на обидите и во ЕУ, но и пошироко, за поткопување на медиумскиот плурализам, осудувајќи ги нападите врз новинарите, особено од страна на политичарите. За таа цел на иницијатива на ЕП, Европската комисија подготви легислатива против тенденциозните и злонамерни тужби против медиумските работници и медиумите со цел да се замолчат критички гласови, што беше одобрена во февруари годинава, а следниот месец беше усвоен и Европскиот закон за слобода на медиумите, кој има за цел да ја подобри уредувачката независност, да ги заштити изворите на информации на новинарите и да ја подобри транспарентноста околу сопственичката структура на медиумите во Унијата.    

Дафне Каруана Галиција беше малтешка новинарка, блогерка и активистка за борба против корупцијата која опширно известуваше за коруптивни скандали, перење пари, организиран криминал, продажба на државјанства и врските на Владата на Малта со „Панамските документи“. По малтретирањата и заканите, таа беше убиена во експлозија на автомобил-бомба на 16 октомври 2017 година.  

Реакцијата на јавноста поради однесувањето на властите кон истрагата за нејзиното убиство резултираше со оставка на малтешкиот премиер Џозеф Мускат. На истрагата реагираше и Европскиот парламент, кој побара од Еврокомисијата да преземе мерки. 

Лани во октомври, шест години по убиството на Каруана Галиција, Парламентот изрази загриженост дека е постигнат „ограничен напредок“ во судскиот процесот околу нејзината смрт, кој резултираше само со три пресуди и побара сите инволвирани во случајот да бидат изведени пред лицето на правдата. сп/

Фото: ЕП

Остани поврзан