ДУИ бара оставка од Тошковски и неговиот заменик Исени, најавуваат и интерпелација за нив
- Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска побара итна и неотповиклива оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на неговиот заменик Астрит Исени за, како што велат, главно одговорни за инцидентите на Денот на албанското знаме.
Скопје, 30 ноември 2024 (МИА) - Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска побара итна и неотповиклива оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на неговиот заменик Астрит Исени за, како што велат, главно одговорни за инцидентите на Денот на албанското знаме.
-ДУИ бара итна и неотповиклива оставка на министерот за внатрешни работи и на заменик-министерот за внатрешни работи како главно одговорни за настанот. Ако оставката не се случува, ние деновиве во Собранието ќе покренеме интерпелација за министерот за внатрешни работи и за заменик-министерот. Најверојатно интерпелацијата ќе биде поднесена на почетокот на наредната недела. Кога нашите служби и пратеничката група ќе биде спремна, веднаш ќе биде поднесена, истакна на денешната прес-конференција потпретседателот на ДУИ, Бајрам Реџепи.
Последните случувања, како што рече Реџепи, не се само јасен показател за неуспехот на институциите, туку и вистинско огледало за правецот што оваа држава го има земено со оваа Влада.
-Кога се пали албанското национално знаме и провокациите спрема Албанците поминуваат без никаква казна, додека полициското насилство спрема една традиционална манифестација завршува со казнување само на Албанците, станува јасно дека таквиот пристап е намерен за да се навредува и омаловажува една цела нација. Огорчени и загрижени од насилството и омаловажувањето на знамињата од страна на сомнителните групации кои не и посакуваат добро на оваа држава и посебно од неодговорниот, непрофесионалниот и поттикнувачкиот однос на државната полиција, ДУИ апелира до сите граѓани да бидат мирни и да избегнуваат било какви провокации во наредниот период од страна на одредени структури кои работат против мирот и стабилноста на нашата земја и на целиот регион, рече Реџепи.
Бара од институциите неселективно да ги донесат пред лицето на правдата сите одговорни на овие, како што вели, срамни и монструозни случувања. фф/вг/
Фото: МИА