• среда, 25 декември 2024

Дискусии на ЕСС за раст на платите откако Предлог-буџетот ќе биде вратен со забелешките и амандманите од пратениците

Дискусии на ЕСС за раст на платите откако Предлог-буџетот ќе биде вратен со забелешките и амандманите од пратениците

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Кога ќе биде вратен Буџетот од првичната собраниска расправа со забелешките и предлозите по амандманите на пратениците, ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет на која ќе бидат разгледани ставките за раст на платите оваа и идната година, рече денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов. 

Според министерот за економија Бесар Дурмиши, барањата на синдикалците, како зголемувањето на минималната плата, ќе се стават на дневен ред наредниот период и ќе се дискутира дали има можности за нејзно зголемување. 

-На последната седница на Економско-социјалниот совет добивме ветување од премиерот и министерот за економија дека по поминувањето на првичниот филтер во Владата и на собраниската комисија, кога ќе биде вратен Предлог-буџетот со забелешки и предлози по амандманите на пратениците, ќе се одржи седница  на Економско-социјалниот совет на која ќе ги гледаме ставките за раст на платите кои треба да се случат и годинава и наредната година. Лично ме охрабрува тоа што реториката од „нема, нема, нема“, полека се изнаоѓаат средства за раст на платите во секторите кои годинава не добија. Растот на минималната плата треба да биде предвиден во новиот буџет, но ќе треба да се предвидат средства и оваа година, зашто животот на граѓаните станува се поскап па тешко е да се преживее со 370 евра кога синдикалната кошничка е преку 1 000 евра, изјави Трендафилов, одговорајќи на новинарски прашања пред одбележувањето на Европската недела на безбедност и здравје при работа.

Дурмиши е дециден дека зголемување или намалување на минималната плата во вонредна состојба може да се дискутира и дебатира само во рамки на Економско-социјалниот совет, меѓу синдикатите и работодавачите.

-Пред две недели е формирано ова тело и во наредниот период нивните барања ќе се стават на дневен ред, како што е минималната плата и ќе се дискутира дали има можности или не, за нејзно зголемување. Донесувањето ад-хок одлуки за зголемување на минималната плата во вонредна состојба не ја регулира економијата, рече Дурмиши. 

На прашањето како го коментира Предлог-законот за зголемување на минималната плата што го поднесе СДСМ, Дурмиши одговори дека претходната власт ја остави економијата во катастрофална состојба. Порача и дека „имаат повеќе работа во својата партија, отколку да се занимаваат со минималната плата“. 

-Тие ја оставија економијата во катастрофална состојба заедно со ДУИ. Мислам дека имаат повеќе работа во својата партија, отколку да се занимаваат со минималната плата. Ние ја добивме довербата од граѓаните, во наредниот период треба да мислиме и на продуктивноста на работниците, па потоа и за покачување на минималната плата за сите граѓани, подвлече министерот. мч/аа/

фото/видео: МИА 

 

Остани поврзан