• среда, 25 март 2026

Димитриеска-Кочоска: Во изминатиот период работевме посветено и испорачуваме како што сме испланирале

Димитриеска-Кочоска: Во изминатиот период работевме посветено и испорачуваме како што сме испланирале

Скопје, 13 март 2026 (МИА) - Буџетот е ликвиден, пари се обезбедени навреме и има простор за мерки доколку се потребни - истакна вчера министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во гостување во „Само интерву“ на ТВ „Канал 5“.

- Работевме посветено во изминатиот период и испорачуваме како што сме испланирале. Граѓаните може да бидат спокојни. Пари обезбедивме навреме. Условоите по кои ги обезбедивме беа многу поповолни. Издадовме еврообврзница со убедливо најниска камата - истакна министерката за финансии.

Димитриеска-Кочоска додаде дека има огромен предизвик, но радува фактот дека има раст кај бруто-домашниот производ.

- Тоа е важно затоа што сите бројки, вклучително и јавниот долг, го гледаме како процент од БДП и колку е тој поголем, тоа значи дека јавниот долг ни се намалува, а со тоа се отвора простор за дополнителни задолжувања доколку има потреба. Важно е како ја водите целокупната политика. Да, дел е со помошта што би требало да се даде преку форма на намалување акцизи, даноци, што би значело намалени приходи во буџетот, но ќе реагираме соодветно, простор за одредени реакции има сѐ уште - истакна Димитриеска-Кочоска.

Министерката очекува политиките и одлуките што оваа Влада ги носи сега да се почувствуваат реално подоцна затоа што, вели, во економијата постои нешто што се нарекува временско задоцнување, односно дека растот во економијата бара континуитет во повеќе години.

Во интервјуто посочи дека не смета оти проекциите за приходите се преоптимистички и  направи споредба на приходите во 2025 и 2017, кои се со реализација 95,91 отсто од планираното за 2025 и 95,81 отсто за 2017 година. Во однос на расходната страна, потенцира дека нема нереализирани расходи, односно дека се исплатени сите обврски, вклучително и налозите за реализација на капиталните расходи.

- Сѐ што стига како налог во трезорот во Министерството за финансии се исплаќа редовно и во согласност со упатството - појасни министерката. ац/са/ 

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан