• сабота, 23 ноември 2024

Дефиле „Јас внимателно и безбедно возам“: Поголема граѓанска свест и одговорност за побезбеден сообраќај

Дефиле „Јас внимателно и безбедно возам“: Поголема граѓанска свест и одговорност за побезбеден сообраќај

Скопје, 13 мај 2023 (МИА) - Преку 100 велосипедисти и над 30 мотоциклисти возеа на денешното дефиле под мотото „Ја внимателно и безбено возам“  во Скопје, кое има за цел да ја подигне свеста за поголема безбедност на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот, како и за користењето на заштитна опрема.

Велосипедистите и мотоциклистите тргнаа од различни локации, а дефилето го завршија на платото пред Спортскиот центар „Јане Сандански“. Велосипедистите возеа од велосипедската патека на кејот кај хотелот „Холидеј Ин“, а мотоциклистите од фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк, за на крај двете групи да завршат пред спортскиот центар „Јане Сандански“, каде помеѓу другите се обрати и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Министерот Спасовски во своето обраќање пред присутните истакна дека МВР и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата имаат добра соработка и постојано организираат заеднички кампањски, едукативни, нормативни и други проекти во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот.

-Покрај тоа, особено во поглед на воспитно-образовното и стручно делување, имаме и силна поддршка и од нашите високообразовни институции, како што е поддршката од нашата најстара образовна институција од областа на безбедноста – Факултетот за безбедност при универзитетот “Свети Климент Охридски“, така што сум убеден дека се движиме кон посакуваните цели – а тоа е поголема граѓанска свест и одговорност пред се кон почитувањето на сообраќајните правила и прописи, поквалитетна едукација и превенција и примарно – поголема безбедност на сообраќајот на патиштата, рече Спасовски на дефилето.

На настанот свои обраќања имаа и деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски, претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата - РСБСП Гордана Кожуваровска, како и Марија Ставрева од компанијата ОКТА.

-Во рамките на своето делување РСБСП организира и спроведува низа едукативни активности, како обуки, продукција на материјали, настани и кампањи со што конкретно работиме на поголема едукација на велосипедистите и мотоциклистите, како и на останатите учесници во сообраќајот. Покрај тоа, во континуитет работиме и на истражувања и анализи, преку кои се лоцираат слабостите во безбедноста на сообраќајот на патиштата, но и можните начини како тие да се надминат. Сепак, за поголема безбедност клучна е личната одговорност на секој учесник во сообраќајот. Затоа настаните како овој денес се многу важни, па сакам да упатам апел до јавноста – секој од нас влијае за безбедноста на сообраќајот, затоа да бидеме внимателни и за себе и за другите и да се однесуваме одговорно, рече Кожуваровска.

Дујовски ја истакна важноста на соработката и партнерството на различните чинители во сообраќајот. Тој додаде Факултетот за безбедност е водечка високообразовна институција чија цел е продуцирање на стручни кадри кои преку современ пристап и користење на ефективни алатки и тактики придонесуваат кон унапредување на безбедноста и заштитата на патиштата.

-Ефективно справување со сите модерни предизвици и поставување систем кој создава услови за поголема безбедност е наш приоритет во образовниот процес. Но за да го постигнеме тоа, неопходно е создавање на поголема свест кај сите учесници во сообраќајот, па оттука настани од ваков тип се од големо значење во тој процес. Само преку поголема соработка и создавање цврсти врски ќе обезбедиме одржлива основа за брз и безбеден сообраќај по теркот на современиот човек, додаде Дујовски.

Поддршка на дефилето дадоа и организациите „Мото клуб Безбедност“, „Прв до врв“ и Здружението за друмски и планински велосипедизам „Macedonian Bike Riders“.свс/вј/

Фото.МИА архива

 

 

Остани поврзан