„Ден на дијалогот“ на Осмата бриселска конференција за иднината на Сирија и регионот
- Европската Унија денеска ќе биде домаќин на „Денот на дијалогот“ на Осмата бриселска конференција на кој тема ќе биде „Поддршката на иднината на Сирија и регионот“.
Брисел, 30 април 2024 (МИА) – Европската Унија денеска ќе биде домаќин на „Денот на дијалогот“ на Осмата бриселска конференција на кој тема ќе биде „Поддршката на иднината на Сирија и регионот“.
Бриселската конференција претставува главен настан за реафирмирање на поддршката на меѓународната заедница за сирискиот народ, сириските бегалци и нивните домаќини.
За време на „Денот на дијалогот“, претставници на Европската Унија, на други меѓународни актери и на сириското цивилно општество во земјата, регионот и дијаспората преку шест тематски панел дискусии ќе се фокусираат на начините на зајакнување на хуманитарната, финансиската и политичката поддршка на цивилите во Сирија и на работата на граѓанските организации.
Настанот ќе започне со воведно обраќање на еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич
„Денот на дијалогот“ треба да претставува еден вид подготвителен собир за министерскиот состанок во рамки на Осмата бриселска конференција, што ќе се одржи на 27 мај под претседателство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
На состанокот ќе присуствуваат претставници на членките на ЕУ, на држави соседи на Сирија, на трети заинтересирани земји, како и на Обединетите нации и други меѓународни организации со цел да мобилизираат витална финансиска поддршка за решавање на најитните потреби на Сиријците и соседните земји во кои се згрижени најголем дел од сириските бегалци.
Се очекува на собирот да се реафирмира посветеноста на ЕУ и на меѓународна заедница за политичка транзиција во Сирија, во согласност со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН.
Инаку, од почетокот на конфликтот во Сирија во 2011 година, ЕУ и нејзините земји членки издвоија преку 33 милијарди евра хуманитарна поддршка, со што Унијата е еден од најголемите донатори на помош Сиријците во земјата и за сириските бегалци во регионот. сп/
Фото: ЕУ