• сабота, 23 ноември 2024

Демонстрантите низ Израел истакнуваат дека целосна победа над Хамас не е можна

Демонстрантите низ Израел истакнуваат дека целосна победа над Хамас не е можна

Тел Авив, 16 јуни 2024 (МИА) - Десетици илјади луѓе демонстрираа синоќа во Тел Авив и низ Израел, при што говорниците на протестите истакнаа дека целосна победа над Хамас не е можна и дека војната затоа треба да заврши за да се обезбеди ослободување на заложниците, пренесе Бета.

Протестите, кои се одржуваат еднаш неделно, беа организирани синоќа во услови на ќорсокак на преговорите за примирје со палестинскиот екстремистички Хамас, само неколку часа по смртта на осумте израелски војници во борбите во Рафа јужно од Газа.

Некои демонстранти на улицата Каплан во Тел Авив запалија шатори во знак на протест против неуспехот на израелската влада да преземе акција пред немилосрдните напади на либански Хезболах во северен Израел.

Тие се судрија со полицијата кога се обиделе да го блокираат главниот автопат.

Претставниците на семејствата на заложниците демонстрираа во близина, тврдејќи дека Израел никогаш нема да може целосно да ја добие војната.

Полицијата уапси 12 лица за нарушување на јавниот ред, вклучувајќи блокирање патишта и демонстрации подолго од дозволеното, објавија израелските медиуми.

На демонстрациите во јужен Израел во близина на Газа присуствуваше и лидерот на израелската Партија за национално единство, пратеникот Бени Ганц, за прв пат откако минатата недела ја повлече партијата од владата.

Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид им се обрати на демонстрантите во Тел Авив, критикувајќи ја одлуката за оживување на нацрт-законот кој, доколку биде усвоен, ќе им овозможи на учениците од религиозните училишта да бидат ослободени од редовната воена служба.

Лапид оцени дека овој контроверзен предлог-закон уште повеќе ја дели државата.

За разлика од демонстрантите, екстремно десничарскиот израелски министер за финансии Безалел Смотрич повика на продолжување на борбата во Газа, велејќи дека Израел се бори за опстанок.

-Високата цена на војната не обврзува да продолжиме до целосно уништување на непријателот, напиша Смотрич на „Х“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан