• сабота, 23 ноември 2024

Демократски сојуз: Коалицијата со СДСМ ја напуштивме пред повеќе од една година

Демократски сојуз: Коалицијата со СДСМ ја напуштивме пред повеќе од една година

Скопје, 27 март 2024

Во интерес на објективно информирање, Демократскиот сојуз ја известува јавноста дека не сега, туку пред повеќе од една година, на 13.02.2023 година, ја напуштивме коалицијата предводена од СДСМ. Причините за напуштање на коалицијата беа неисполнување на коалицискиот договор и погрешните политики на СДСМ, пред сѐ блокадата на измените на Изборниот законик со кој предлагавме Македонија да биде една изборна единица, противењето на реформи во правосудниот систем, високата криминализација и отсуството на борба против високата корупција, непринципиелната коалиција при реконструкцијата на владата и неводењето сметка за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта, како и блокадата на евроинтеграциските процеси со прифаќање на Преговарачката рамка без поширок граѓански и политички консензуз.

Инаку, за соработка и заеднички настап на претстојните парламентарни избори Демократскиот сојуз има приоритети меѓу кои се: темелни уставни реформи со донесување на нов Устав (без Бадентер и Балансер), реформи во судскиот систем и реизбор на судиите и обвинителите, изградба на ефикасен систем за борба против корупцијата и формирање Агенција за борба против тешките облици на криминал, вклучување на младите во власта (најмалку 30% во советите на општините и парламентот) и посебни предуслови за отворање на бизнис, реформи на администрацијата (укинување на 50% од министерствата, агенциите, регулаторните тела итн.), намалување на бројот на пратениците на 90, но и Македонија да биде една изборна единица, како круцијален предуслов за демократизација и промена на власта.

Во оваа насока се и нашите цврсти партиски определби за полноправно членство во ЕУ, продолжување на реформите во одбраната како членка на НАТО и водење надворешна политика согласно нашите стратешки цели и интереси усогласена со политиките на ЕУ и стратешките партнери, пред сѐ на САД.

Демократскиот сојуз како автентична политичка партија, препознатлива по своите политички ставови и определби е подготвена за парламентарните избори.

До крајот на оваа недела јавноста ќе биде информирана за тоа како и со кои партии ќе настапиме на изборите, но во интерес на државата и граѓаните е да се формира широк промакедонски опозиционен блок, преку кој граѓаните ќе ги поразат погубните и анационални политики на ДУИ и СДСМ.

 Демократски сојуз

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ДС 

Остани поврзан