• четврток, 26 декември 2024

Делчево го чествува ликот и делото на Св.Климент Охридски

Делчево го чествува ликот и делото на Св.Климент Охридски

Делчево, 8 декември 2023 (МИА) - Делчево го чествува ликот и делото на првиот словенски епискот Свети Климент Охридски, кој е патрон на делчевското основно училиште „Св.Климент Охридски". По тој повод пред неговот спомен-обележје во училишниот двор, свежо цвеќе положија и се поклонија градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, претставници на Општината, претставници на Советот, институции, наставници, здруженија...

Испраќајки честитки по повод патрониот празник до директорот, наставниците и учениците од ова училиште Трајковски им посака уште поголеми успеси на полето на образованието. 

-Мисијата на секое училиште е благородна, а визијата која се црпи од патронот кој бил основач на Охридската книжевна школа, позната како прв словенски универзитет и покровител на образованието и јазикот, носи со себе аманет и обврска да се продолжи по патот на својот патрон, да се описменуваат и образоваат млади кадри. Нека е за многу години денот, рече Трајковски.

Во рамки на одбележувањето на празникот посветен на Св.Климент Охридски, епископот на Делчевско-каменичката епархија Марко денеска отслужи литургија, по што се одржа литија со кршење Славски колач кај параклисот Св.Климент Охридски во Делчево.

Заблагодарувајки се на наставниот кадар за подготвената прослава и подготвката на Славскиот колач, епископот делчевско-каменички Марко, упати благослов Свети Климент секогаш да го закрилува ова училиште и учениците кои што учат во него.

- За прв пат откако ме востоличија на чело на Делчевско-каменичката епархија го чествуваме светиот отец наш Климент Охридскиот Чудотворец и навистина не можам да ја сокријам радоста моја од она што го гледам и на литургијата и овде на ова чествување на светиот Климент. Посебна радост ми е тоа што децата кои се школуваат во ова училиште посетуваат и настава по хорско пеење и еве за кратко време успеале да го научат тропарот за Св.Климент кој и денеска и на литургијата и во црквата и овде го слушнавме, истакна епископот Марко.

Угледувајќи се на примерот на Свети Климент, упати апел учениците да продолжат неуморно да се трудат во науката, неуморно да се трудат да си го сочуваат и јазикот и писмото, како аманет од Св.Климент кон наредните генерации. 

Чествувањето на ликот и делото на Св.Климент Охридски во Делчево ќе продилжи со свечена академија која поради денешниот неработен ден ќе се одржи наредната недела. вс/


Фото: МИА

Остани поврзан