• недела, 24 ноември 2024

Дебата „Дуално високо образование - иднината на младите“

Дебата „Дуално високо образование - иднината на младите“
Скопје, 16 ноември 2022 На самиот старт на Глобалната недела на претприемништво, Институтот Хајделберг во Скопје реализираше настан со цел презентирање на моделот на германско дуално високо образование, со истакнување на бенефитите за студентите и за компаниите во земјата. Станува збор за онлајн дискусија како дел од програмата на „Глобалната мрежа на претприемништво“, која има за цел преку настани кои истовремено се одржуваат во околу 180 земји ширум светот да иницира зголемување на дијалогот меѓу општествените чинители, оваа година на темите поврзани со: образование, инклузивност, креирање на јавни политики за подобрување на претприемништвото, како и градење на партнерства во рамки на екосистемот за поттикнување на развојот на претприемништвото. Говорници на дискусијата беа: -        Д-р Бриџит Спилман, член на Деканската управа на Институтот ХАЈДЕЛБЕРГ во Скопје; тренер и предавач по меѓународен Cross Culture Coaching за бизниси и деловни луѓе; Претставници од Државниот универзитет за соработка во Баден-Виртемберг (DHBW), првата високообразовна институција во Германија која ги интегрира академските студии со обуката на работното место: -        Проф. Кеј Вајлдинг, почесен декан на студии по електротехника на DHBW-Mannheim и меѓународен академски советник; и -        Торге Фишер, консултант за образование и меѓународни соработки; -        Кала Дренковска, матурантка од гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. Настанот го модерираше Теодора Бошкова, во улога на раководител на Односи со јавност и комуникации при ХАЈДЕЛБЕРГ Институтот во Скопје. Дискусијата започна со споделување на веста за отворањето на првата германска дуална високообразовна институција за земјите од Западен Балкан – „ХАЈДЕЛБЕРГ Факултет во Скопје“, кој доби Одлука за давање на одобрение за основање од страна на Владата на РСМ (бр. 41-7606/1, 13.09.2022). Од следната академска година 2023/24, оваа високообразовна установа со уникатен пристап ќе ја интегрира теоријата со праксата, по примерот на државниот дуален универзитет од Манхајм и под нивно менторство и вклучување со програми, образовен кадар (50% од професорите на Факултетот), евалуација и екстерно тестирање за гаранција на квалитетот и дуалноста на студиите. Воедно, планирани се теренски посети, екскурзија и студентски размени, како и финални активности за докомплетирање на едукативните процеси и стекнување на државна германска диплома, покрај македонската, со 210 ЕКТС. Во име на Деканскиот одбор на Хајделберг Институтот, говореше Спилман, изразувајќи големо задоволство што во Државниот дуален универзитет од Манхајм се најде високо почитуван универзитетски партнер со кој може успешно да се воспостави систем на дуално универзитетско образование во Северна Македонија. „Одборот е многу среќен што најде нов партнер (DHBW), со кој сега имаме можност да воспоставиме нов вид на образование во Скопје, образование кое покажа само успеси за Германија и германската економија.“ – истакна таа. Систематизираното комбинирање на теоријата и праксата, уникатно како повеќе од 100 годишна традиција за Германија и Австрија, го презентираше Торге Фишер, директор на COEDCO, консултант за образование и меѓународни соработки. Говореше за моделот кој ја интегрира практичната работа во студирањето, каде во Германија 9 илјади компании – дуални партнери се вклучени во процесот на учење. „Кооперативното високо образование многу се фокусира на вработливоста на студентите. Нашата претходна цел е студентите кога ќе дипломираат да бидат вработливи. Вештините што ги учат студентите се насочени кон она што индустријата го бара од нив.“ – изјави Фишер. Според него, традиционалните универзитети во главно се фокусираат на истражување и на академска компетентност, што е добро, но честопати оние студии кои имаат многу теоретска основа не се нужно соодветни за она што индустријата го бара од студентите. Притоа, многу од студентите се соочуваат со проблеми да најдат соодветна работа, нешто што одговара на нивното студирање. „Нашите студенти од самиот почеток се вработени во една компанија. Така, на првиот ден од студиите веќе знаат дека се вработени и сите практични фази низ студиите се во истата компанија, која низ три-годишните студии на Факултетот континуирано инвестира во својот иден успешен млад кадар.“ – додава тој. Проф. Кеј Вајлдинг како меѓународен академски советник на Универзитетот, зборуваше за практичната страна од дуалните студии: „Во иднина има потреба од висококвалификуван кадар, на возраст од 20 до 22 години, со добро образование на универзитетско ниво, добри практични искуства и меѓукултурно и меѓународно искуство, а особено добри социјални компетенции. На овие барања единстевно може да одговори концептот на дуално високо образование, со кој младите дипломирани студенти на универзитот се способни да дејствуваат ефикасно со искуства во практичниот работен свет.“ Пластично, Фишер дообјасни: „Кога учев, пред многу години, се навраќам на 12 години основно и средно училиште и 6 години факултет по ред. Така се акумулираат 18 години учење и никогаш немав шанса да го применам она што го научив помеѓу нив. Значи, после 18 години студирање, не познавам некој што може да примени 18 години теоретско учење - тоа е невозможно.“ Тоа е концептот на дуално кооперативно образование. Она што го правите е да научите нешто во теорија, а набргу потоа ќе добиете шанса да аплицирате и да експериментирате со ова знаење на работното место. За крај, Кала Дренковска, матурантка од СОУ „Орце Николов“, ги даде изложи своите амбициозни размисли за градењето на идното општество преку реформирање на образовниот систем: „Според мене, најголемата причина за имигрирање на студентите од државата е што колективното мислење за македонскиот образовен систем е дека немаме доволно добро реноминирани професори, а угледот на универзитетите не е ист како кај другите универзитети низ светот. Но, според моето верување, ако работиме заедно на овој случај, за само неколку години можеме да почнеме да правиме промени и да се движиме напред. Ако ми се даде шанса да студирам во мојата земја додека добивам вредна диплома, нема да има подобар начин да го продолжам моето образование додека враќам и помагам на земјата во која пораснав. Со ова сите имаме отворен хоризонт за посветла иднина.“ До крајот на годината, планирано е свечено отворање на кампусот на „ХАЈДЕЛБЕРГ Факултетот во Скопје“, како платформа за зајакнување на соработката помеѓу македонските и германските компании, по што следи официјализирање на договорите со дуалните партнери на Факултетот. Преку додипломските студии за: ➡️ „Бизнис администрација: Банкарство, финансии и контролинг“; ➡️ „Софтверско инженерство: Дата и компјутерски науки“; и ➡️ „Мехатроника“, 90 матуранти ќе ја имаат можноста додека студираат да учат и работат со ментори-практичари со долгогодишно работно искуство во индустријата, да следат академска настава и да работат во најголемите и најбрзорастечки компании во земјата.   Институт Хајделберг во Скопје  ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан