• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Дачиќ: Полицијата не користи звучни топови туку само звучни уреди за предупредување; Јовева бара независна истрага

Дачиќ: Полицијата не користи  звучни топови туку само звучни уреди за предупредување; Јовева бара независна истрага

Белград, 19 март 2025 (МИА) - Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска изјави дека „српската полиција никогаш, ниту на 15 март за време на протестите, не употребила ниту едно незаконско, неовластено средство што не е предвидено со законот за полиција, вклучително и она што сега, како што наведе, колоквијално се нарекува звучен топ“, јави дописникот на МИА од Белград.

На вонредна прес конференција тој изјави дека полицијата користи само звучни уреди за предупредување.
„Не знам ниту какви се тоа нови информации дека полицијата набавила одредени акустични уреди, кога тоа го кажав и на собраниската комисија“, рече Дачиќ.

Тој додаде дека сака да ги „демантира срамните лаги“, во говорот веднаш по прес-конференцијата на Мариника Тепиќ од Партијата за слобода и правда, која покажувајќи фотографија изјави дека на полициско возило бил поставен звучен топ и дека стотици граѓани можеле да сведочат дека слушнале неподнослив звук и почувствувале проблеми.

Дачиќ рече дека тие акустични уреди не се користат за друга цел освен за предупредување на толпа и учесници на јавен собир или, како што рече, за комуникациски акции што полицијата ги подготвува за секој голем собир.

Европратеничката Ирена Јовева денеска оцени дека е потребна меѓународна, независна истрага за тоа што предизвика паника и стампедо кај учесниците на протестот во Белград, бидејќи српските граѓани ја изгубиле довербата во домашните институции.

„Мислам дека само меѓународна, независна истрага може да даде јасен одговор за тоа што точно се случило, кој донел одлука да се користи што и да е, и дали биле прекршени основните човекови права, а мислам дека биле прекршени“, изјави таа денеска за ТВ Н1 и ја повтори својата поддршка за српските студенти, нагласувајќи дека тие направиле многу повеќе од сите политичари во изминатите 12 години. зш/
фото ЕПА

Остани поврзан