• недела, 24 ноември 2024

Гутереш повика на оддавање почит во спомен на персоналот на ОН убиен во војната меѓу Израел и Хамас

Гутереш повика на оддавање почит во спомен на персоналот на ОН убиен во војната меѓу Израел и Хамас

Њујорк, 10 ноември 2023 (МИА) - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика сите тимови на ОН ширум светот на 13 ноември во 9:30 часот по локално време да оддадат почит со минута молчење во спомен на 99-те вработени загинати во израелските напади за време на војната меѓу Израел и палестинската група Хамас, пренесе ДПА.

Знамињата ќе бидат спуштени на половина копје.

„Никогаш досега од основањето на Обединетите нации во 1945 година, толку многу вработени не ги загубиле животите за време на конфликт во толку краток временски период“, изјави портпаролот на светската организација.

Шефот на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА) денеска на платформата Х (до неодамна Твитер) објави дека од почетокот на конфликтот меѓу Израел и палестинската група Хамас над 100 убиени се вработени во ОН.

„Ние сме уништени. Потврдено е дека над 100 лекари на УНХЦР се убиени за еден месец. Родители, наставници, медицински сестри, помошен персонал. УНХЦР тагува, Палестинците тагуваат, Израелците тагуваат“, напиша Филип Лазарини, повторувајќи го повикот за хуманитарен прекин на огнот.

Војната беше предизвикана од бруталните напади на 7 октомври од страна на Хамас и други палестински групи врз голем број градови и кибуци во јужен Израел, при што беа убиени повеќе од 1.400 луѓе и земени околу 240 заложници. Како одговор, Израел започна масовни воздушни напади врз Појасот Газа, при што загинаа повеќе од 10.800 луѓе, главно цивили, а беа повредени повеќе од 27.000, според Министерството за здравство на Хамас во палестинската енклава. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан