• недела, 24 ноември 2024

Грците вчера максимално ги искористија последните часови пред затворањето на продавниците во Атина

Грците вчера максимално ги искористија последните часови пред затворањето на продавниците во Атина
Атина, 30 јануари 2021 (МИА) – Поширокиот регион на Атина, од рано утрово е во црвената Ковид зона со посебни рестриктивни мерки, меѓу кои и одново затворање на продавниците, па така, Грците, вчера ги преполнија улиците и максимално ја искористија последната можност за шопинг, јави дописничката на МИА од Атина. Најпознатата трговска улица „Ерму“, синоќа исто како и изминатиот викенд, поради гужвите, воопшто не наликуваше дека земјата е во карантин. „Опремени“ со маски и испратена смс порака, огромен број граѓани побрзаа во продавниците непосредно пред затворањето. Грција од денеска е поделена на две Ковид зони: жолта -под надзор и црвена- зголемена опасност. Поради зголемениот број новозаразени, грчката Влада донесе одлука само 11 дена откако беа отворени, продавниците во Атина, како и во останатите девет области што се во црвената зона, од денеска да бидат затворени, а малопродажбата работи само со услугата „click away“, односно подигнување на претходно направена порачка и услугата „click inside“ - посета на продавница по закажан термин и само за продавниците за облека, обувки и книжарите. Поголемиот дел од земјата е во првата група, каде што продавниците работат регуларно, а полицискиот час е од 21 часот, за разлика од црвената, со исклучок на Атина, каде што почнува три часа порано. Полицискиот час, ограничување на движењето со задолжителното испраќање смс пораки со една од шесте опции, задолжителна употреба на маска, забрана за движење меѓу региони, се мерките кои и понатаму важат во цела Грција, како и одлуките што се однесуваат на онлајн предавањата за студентите, редовна настава во основните училишта, регуларната работа на градинките, работа од дома или на смени во јавниот и приватниот сектор (доколку е можно), а фризерските и козметички салони, берберниците, центрите за регистрација на возила, кои ќе продолжат да работата како до сега со претходно закажан термин. Во понеделник ќе се отворат и средните училишта, со исклучок на црвената зона, каде што во училишните клупи ќе се вратат само учениците од 12 до 15 години, а „постарите“ средношколци ќе продолжат со онлајн настава. Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, шест дена подоцна беше воведен полициски час, а постепеното олабавување на мерките започна со отворањето на основните училишта и градинките на 11 јануари, една седмица подоцна следеа и продавниците, моловите, трговските центри, фризерските и козметичките салони, за сега, повторно да се воведат нови рестрикции. ср/

Остани поврзан