• среда, 25 декември 2024

Груевски, Мијалков и уште пет лица од Западен Балкан на „црната листа“ на САД

Груевски, Мијалков и уште пет лица од Западен Балкан на „црната листа“ на САД
Скопје, 12 април 2022 (МИА) - Поранешниот премиер во бегство Никола Груевски, поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков и уште пет лица од Западен Балкан се најдоа на „црната листа“ на САД. Министерството за финансии на САД ја објави листата на санкции за делот за корупција, со кои се опфатени седум лица од Западен Балкан, а три од нив се и на листата на Стејт департментот, со што им е забранет влез во САД. Американскиот државен секретар Ентон и Блинкен објави дека Стејт департментот и Министерството за финансии презедоа акции за да ги санкционираат актерите на Западен Балкан поради дестабилизирачки коурптивни активности. - САД и партнерите, како Велика Британија, ги сметаат за одговорни оние кои ја загрозуваат стабилноста, напредокот и европската интеграција на  регионот, напиша Блинкен на Твитер.

На црната листа од Северна Македонија се најдоа имињата на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот прв човек на на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.  

На листата е ставена и фирмата која што Груевски ја отвори во Унгарија минатата година. Станува збор за компанијата I.C.I.C. LTD со адреса во Унгарија, која што е отворена на 15 јули 2021 година, а Стејт департментoт ја поврзува со поранешниот премиер Груевски.  

Американската влада во образложението за Груевски и за Мијалков наведува дека се одлучила на ваков чекор како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција. Нивните постапки го поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушиле довербата на јавноста во владите.  

Покрај двајцата, забрана за патување во САД има и за нивните семејства. Тоа значи дека Груевски, Мијалков и членовите на нивните потесни семејства се неподобни за влез во САД. 

Груевски и Мијалков се обвинети во повеќе предмети отворени од поранешното СЈО, а за некои веќе им се изречени затворски казни. Груевски во ноември 2018 побегна во Унгарија каде набрзо доби политички азил. Груевски вчера на Фејсбук објави дека наводите заради кои бил ставен на листата „се неточни информации“ кои во најголем дел произлегувале од „долгогодишниот политички прогон“ кој против него се водел во земјава. Тој вели дека иако немал никаков имот во САД, чуствувал голема неправда бидејќи работел чесно и одговорно борејќи се за државните и националните интереси, а дека при тоа колку што можел се трудел да не ги загрози интересите на сојузниците на државава. И Мијалков изрази жалење на одлуката на Стејт департментот, оценувајќи дека не е исправна и оти е базирана на конструкции и дезинформации за кои вели дека со време ќе се докажат дека се неиздржани. На листата на Министерството за финансии за санкции што подразбираат блокирање на целиот имот и правата на имот кој се наоѓа во САД се наоѓаат Асим Сарајлиќ, поранешен потпреседател на СДА и делегат во Домот на народи на Парламентот на Бих и поранешната главна обвинителка Гордана Тадиќ. Сарајлиќ бил „вклучен во корупција на високо ниво што вклучува трговија со влијание, злоупотреба на положбата, примање мито во замена за влијание на одлуката за вработување во државните претпријатија како БХ Телеком“. Тадиќ, главната обвинителка на Државното обвинителство од 2019 до 2021, ја користела својата функција за промоција на лични и семејни интереси и заштита на своите политички патрони од кривично гонење. Натаму, на листата за санкции е Светозар Маровиќ, некогашен висок функционер на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ и последен претседател на Државната заедница на Србија и Црна Гора, и е единствениот од Црна Гора на објавениот список на Министерството за финансии на САД. Маровиќ е осуден во 2016 поради повеќемилионски малверзации во Будва, додека таа партија беше на власт. Уапсен е во декември 2015 година. Во мај следната година е пуштен од притвор откако призна вина. После тоа замина за Белград, а во Црна Гора до денес не е испорачан и по распишаната потерница. Американскиот Стејт департмент ги стави на црна листа сопственикот на „Тв Ора“ Или Ндроќи, како и поранешниот пратеник на ПДИУ (партија на Чамите), Аќиф Ракипи. Двајцата се обвинети за корупција, уцена, проневера, поткуп и вмешаност во организиран криминал. Организираниот криминал останува значајна закана во Албанија, а криминалните актери продолжуваат да влијаат на албанската политика, користејќи пари и насилство заради поддршка на преферираните кандидати, пренесоа албанските медиуми. Одлуките за санкции се надоврзуваат на посветеноста на администрацијата на претседателот на САД Џо Бајден за промовирање на одговорност за оние кои, меѓу другото, преку корупција ја поткопуваат стабилноста на регионот на Западен Балкан. Американската уредба за санкции е во сила од 2001 година и оттогаш санкциите редовно се продолжуваат. Американскиот претседател Џо Бајден го прошири на 8 јуни 2021 година опсегот на критериуми за воведување американски санкции кон поединци и компании од држави од Западен Балкан. нд/са/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан