• среда, 25 декември 2024

Груби и Беџети на црната листа на САД, судството и политичарите бараат истрага и решавање на случајот

Груби и Беџети на црната листа на САД, судството и политичарите бараат истрага и решавање на случајот

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) – Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер по ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети на црната листа на Стејт департментот изјави дека корупцијата не треба да се толерира и дека сега се на потег македонските институции. Од Владата бараат надлежните институции да спроведат истрага за наводите, а брзо решавање на случајот побараа и од судската фела. Партиите изразија различни ставови, но ја поддржаа одлуката на Стејт Департментот.

Според Врховниот суд на Северна Македонија извештаите на Стејт департментот имаат суштинско правно значење и е неопходно приоритетно да се постапува по нив. 

- Соединетите Американски Држави даваат континуирана поддршка и исклучителен придонес за правосудството, кој е заснован на правните начела и демократските вредности. Нотираните податоци и укажувања во Извештаите на Стејт департментот имаат суштинско правно значење за заштитата на независноста на судството и борбата против корупцијата. Во таа насока, а во врска со нотираната корупција, неопходно е приоритетно да се постапува во согласност со законите и институционалните надлежности што е клучно за интегритетот на судството, остварувањето на целите на правдата и јакнење на јавната доверба. Недозволиво е да се поткопуваат темелите на судската власт преку политички влијанија, притисоци и коруптивни дејствија, се наведува во соопштението од Врховниот суд. 

Здружението на судии на Република Северна Македонија вчера истакна дека ова е сериозен удар за честа и угледот на судијата и повика на итно решавање на случајот за зачувување на независноста и интегритетот на судството. 

- Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред сѐ со Уставот и Законите на нашата земја, но и согласно Меѓународните Закони и препораките на Европската унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо решавање на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата, се наведува во соопштението на Здружението.

По проширувањето на „црната листа“ на Стејт департментот на САД со имињата на Груби и Беџети, американската амбасадорка Анџела Агелер вчера порача дека сега се на потег македонските институции . Таа истакна дека корупцијата не треба да се толерира и дека оние кои го поткопуваат владеењето на правото треба да сфатат дека корупцијата има последици. 

- Ако ние сме можеле да ги собереме доказите, можат и македонските институции, изјави Агелер. 

Таа додаде дека доказите на кои се базира ваквата одлука не се споделуваат со македонските власти поради прашања поврзани со приватноста, но дека тие се широко достапни. 

- Ние сме обврзани со закон да ги именуваме и санкционираме оние лица за кои имаме силни докази за криминал и корупција. Што се случува понатаму, останува на органите на редот и правосудството во оваа земја, рече Агелер. 

Амбасадорката истакна дека процесот на именување на лица вмешани во криминал и корупција е динамичен и дека листата постојано се проширува и разгледува.

- Доказите многу внимателно се разгледуваат во Вашингтон. Овој процес продолжува и сигурно има и други имиња кои се разгледуваат сега, додаде таа. 

Според премиерот Мицкоски оваа одлука е потврда на сомневањата за вмешаност во корупција кои ги изнесувале уште додека биле во опозиција. 

- Ние во минатото многу пати зборувавме за сето ова за кое што сега и официјално нашите стратешки партнери, меѓународната заедница го посочува. Јас можам само да кажам дека во периодот којшто следи уште многу потврди на сето она кое што сме го имале за сомневање ќе излезе во јавноста и јавноста ќе биде запознаена, рече Мицкоски. 

Претседателката Сиљановска Давкова  смета дека не смееме да останеме мирни во однос на црните листи и дека Обвинителството треба да постапи по допрен глас. 

- Ако јавните обвинители треба да постапуваат по допрен глас, тогаш треба да постапуваат и во случајов. Постојат во меѓународното право, постојат и во меѓусебните односи начини како да се дојде и до тие докази и да се започне постапка овде зошто во спротивно ние не реагираме тогаш кога мора да реагираме и всушност на тој начин го толерираме беззаконието. Значи, очекувам судот, очекувам јавниот обвинител да почне да постапува, изјави Сиљановска Давкова. 

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, изјави дека одлуката на американскиот Стејт департмент е потврда за исправноста на заложбите на коалицијата Вреди. Тој ги повика членовите на ДУИ да го напуштат, како што вели, „бродот кој тоне“. 

- Се докажа дека нашите укажувања и барања за борба против корупцијата биле исправни и точни. Одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на Артан Груби на црната листа забранувајќи му влез во САД е доказ дека се’ што сме зборувале било на место и сме биле во право, изјави Меџити. 

Меџити побара од надлежните институции да спроведат истрага за наводите и да понесат одговорност сите кои го прекршиле законот. 

Партиите во Северна Македонија изразија различни ставови во врска со ставањето на Артан Груби и Енвер Беџети на црната листа на САД поради значителна корупција. 

Од ДУИ, од чија партија е Груби, соопштија дека ја почитуваат одлуката на американскиот Стејт Департмент, дополнувајќи дека остануваат посветени на стратешката соработка со САД. 

-Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста, стои во кусото соопштение на ДУИ. 

СДСМ ја поздрави одлуката на Стејт департментот и изрази очекување дека сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани без компромис. 

- СДСМ смета дека исклучително е значајна поддршката на нашите стратешки партнери во борбата против корупцијата во Република Северна Македонија. Сите сомнежи за корупција и злоупотреба на јавни средства во државата треба да бидат истражени од истражните органи. Го охрабруваме целиот правосуден систем да работи посветено и без двоумење, изјави пратеничката Јованка Тренчевска. 

Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со ставањето на Груби и Беџети на црната листа се докажало партизирањето на државата од страна на ДУИ.

- Енвер Беџети, судијата кој го држеше случајот за Мијалков во фиока, ја докажува партизираноста на судството. Судиите поддржани од Артан Груби и ДУИ, полека завршуваат на црната листа на САД, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. 

Алијансата за Албанците ја поздрави одлуката на САД и ги повика Груби и Беџети да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот. 

-Алијансата за Албанците во континуитет е еден од политичките актери кои јавно ги осудуваа врските на судството со политиката и олигархијата, затоа и денеска ја поздравуваме одлуката на САД, најважниот стратешки партнер на РСМ и албанскиот народ. Борбата против корупцијата означува важен чекор во градењето на владеењето на правото и нашата иднина. Ги повикуваме апострофираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани, наведе лидерот Зијадин Села на фејсбук.

Демократски сојуз исто така ја поздрави одлуката на Стејт департментот, посочувајќи дека сите што се на црната листа на САД поради криминал, треба да понесат политичка и кривична одговорност. 

Според претседателот на Левица, Димитар Апасев, борбата против корупцијата треба да ја водат домашните, а не странските служби. 

- Ова е сигнал до корумпираните политичари од ДУИ за да не ескалираат. Меѓутоа, ништо суштински нема да се промени. Скандалозно е тоа што наместо МВР да ги има тие информации, дека Артан ГРУБИ местел случаи со Сашо Мијалков, тоа го дознаваме од странски амбасади. Тоа значи дека ние сме обична територија, без владеење од страна на власта. Тоа само по себе за нас е поразително како народ! Сметаме дека борбата против корупцијата треба да ја водат домашните, а не странските агентури, потенцираше Апасиев.

Поранешниот вицепремиер Артан Груби претходно преку објава на социјалните мрежи изјави дека од медиумите дознал за одлуката на Стејт департментот кој го стави на црната листа на САД за која рече дека го засега директно и лично.

Прес-конференција на првиот заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

- Како човек кој мојот јавен живот го посветив на заштита на западните демократски вредности и кој секогаш работев напорно за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично. Ќе се ангажирам со сета своја посветеност и максимално, заедно со нашите пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме низ годините за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го обелиме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главен столб на секое мое дејствување, напиша Груби.

Стејт департментот на Соединетите Американски Држави соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот.

Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.

Овие мерки се дел од глобалната иницијатива за борба против корупцијата и злоупотребите на човековите права, која се спроведува по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата и Денот на човековите права. 

Во март 2024 американскиот Стејт департмент објави дека поради вмешаност во значителна корупција именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црната листа“, меѓу кои и поранешната главна специјална обвинителка на Северна Македонија, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Поради коруцпија, на црната листа на САД претходно се најдоа и Никола Груевски, Сашо Мијалков, Кочо Анѓушев, Рамиз Мерко, Орце Камчев, Ратка Камчева и Сергеј Самсоненко. ар/бак/


Фото:МИА архива 

 

 

Остани поврзан