• четврток, 26 декември 2024

Грковска: Дигитализацијата и сајбер безбедноста одат рака под рака

Грковска: Дигитализацијата и сајбер безбедноста одат рака под рака
Солун, 5 октомври 2022 (МИА) – Сајбер безбедноста која оди рака под рака со дигитализацијата, не треба да се третира како трошок за земјите, туку како инвестиција, истакна заменик -претседателката на Владата на Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во нејзината видео порака на Балканскиот форум во Солун посветен на „Дигиталната трансформација, поврзување, соработки и конвергенции на Балканот“, јави дописничката на МИА од Атина. Вицепремиерката ја истакна важноста на ваквите форуми и можноста да се разговара за конкретните теми, особено за процесот на дигитална трансформација и посочи дека постојат многу предизвици, а лично таа кога говори јавно се фокусира на „дигиталните трансформации на општеството, а не само на дигитализацијата, бидејќи се две различни работи“. -Дигиталната трансформација на општеството значи градење ефикасно, просперитетно и напредно општество. Тоа е процес кој дефинитивно би го променил начинот на размислување кај нашите граѓани. Стимулира добро и одговорно управување, дава можности за брза и непречена интеракција на граѓаните во процесите на креирање јавни политики и значително ја ублажува испораката на јавните услуги од државата до граѓаните, истакна Грковска. Но, посочи дека за да се постигнат овие цели, процесот на дигитализација мора да биде придружен со инвестирање во дигиталното знаење на граѓаните и грижа за безбедноста во дигиталниот свет. -Дигитализацијата и сајбер безбедноста одат рака под рака затоа што во ситуација кога им се даваат дигитални услуги на граѓаните, треба да поттикнеме доверба и да ги увериме дека користењето на таквите електронски услуги е безбедно и нивните податоци се заштитени. Важно е сајбер безбедноста да не се третира како трошок од една земја, туку како инвестиција, порача вицепремиерката. Паралелно, истакна дека се важни ваквите форуми, како и соработката во регионот за размена на искуства и експертиза со оглед на тоа дека во дигитална трансформација, секоја од земјите е на различно ниво на развој. -Можеме лесно да усвоиме позитивна промена кога има размена на добри практики. Но, уште повеќе кога има размена на негативни искуства, за да учиме од лекциите, но и да ги споделиме нашите искуства како пример за другите што не треба да прават. Синергијата во споделувањето искуства и експертиза во регионот е од особено значење во оваа насока, рече вицепремиерката. Балканскиот форум што денеска се одржува во Солун е во организација на секторот за Македонија и Тракија од Министерството за внатрешни работи на Грција, а целта е да го долови моменталното ниво на технолошкиот екосистем на Балканот со цел да се развијат мрежи и соработки за негово подобрување што ќе доведе до нова дигитална ера. ср/ац/

Остани поврзан