• петок, 27 декември 2024

ГРЕТА: Законската рамка подобрена, на жртвите на трговија со луѓе им треба подобар пристап до правда и ефективни правни лекови

ГРЕТА: Законската рамка подобрена, на жртвите на трговија со луѓе им треба подобар пристап до правда и ефективни правни лекови

Скопје, 27 март 2023 (МИА) - Групата експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) го објави третиот извештај за Северна Македонија, во кој се констатира дека законската рамка е подобрена, но на жртвите на трговија со луѓе во земјата им треба подобар пристап до правда и ефективни правни лекови. 

Во својот трет  извештај за евалуација објавен во петокот, ГРЕТА го поздравува напредокот на Северна Македонија во развојот на законодавната рамка за борба против трговијата со луѓе, но повикува на нејзина подобра имплементација во однос на пристапот на жртвите до правда и ефективни правни лекови.

Експертите на ГРЕТА беа во посета на земјата во март минатата година и според  информациите од властите и граѓанското општество, забележуваат дека бројот на формално идентификувани жртви е низок односно меѓу две и девет годишно, освен во 2021 година кога биле идентификувани 39 жртви од Тајван, со придвижување кон трудовата експлоатација како доминантна форма на експлоатација.

Подобрувањата на законодавната рамка го вклучуваат Законот за странци од 2018 година, со кој се уредува период на закрепнување и рефлексија како и обновливи дозволи за престој за жртви на трговија со луѓе, врз основа на нивната лична ситуација. Посебна одредба за неказнивост на жртвите на трговија со луѓе беше вклучена во Кривичниот законик. Понатаму, Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство беше усвоен во ноември 2022 со кој се воведува надомест за жртвите на трговија со луѓе.

ГРЕТА исто така го поздравува назначувањето на Канцеларијата на Народниот правобранител за Национален известувач за борба против трговијата со луѓе.

Во извештајот на ГРЕТА се посочува дека во одредбите за правна помош на жртвите на трговија со луѓе недостига јасност и забележува празнини во нивната примена. Ги повикува властите да обезбедат јасна основа за пружање правна помош во оној момент штом има разумни основи да се верува дека одредено лице е жртва на трговија со луѓе.

Дополнително, ГРЕТА смета дека жртвите треба да имаат ефективен пристап до пазарот на труд и да им биде обезбедена стручна обука и вработување за да се зајакне нивната социјална и економска вклученост.

И покрај тоа што го поздравува формирањето на Национална единица за борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти и зголемувањето на бројот на пресуди во споредба со претходниот период на оценување, ГРЕТА забележува дека во повеќето случаи казните биле далеку под законскиот минимум.

Експертската група за борба против трговија со луѓе на Советот на Европа ги повикува властите да ги зајакнат човечките, финансиските и техничките капацитети на агенциите за спроведување на законот за да им овозможат проактивно да ги истражат законските прекршувања по однос на трговијата со луѓе, користејќи ги сите можни докази, вклучително и доказите собрани преку посебни истражни мерки, како и финансиски и дигитални докази.

Разгледувајќи ја имплементацијата на претходните препораки на ГРЕТА, извештајот ја
поздравува обуката обезбедена за трудовите инспектори, но ги повикува властите да го појаснат мандатот на Трудовиот инспекторат и да му обезбедат соодветни човечки и
финансиски ресурси.

Ревизијата на Стандардните оперативни процедури на Северна Македонија за третман на жртви на трговија со луѓе и работата на петте мобилни тимови за идентификација на можни жртви на трговија со луѓе е исто така поздравена. ГРЕТА повикува на понатамошно зајакнување на идентификацијата на жртвите преку вклучување на Полициската единица за борба против трговија со луѓе во заедничките инспекции со Трудовиот инспекторат и во рациите спроведувани од страна на други полициски единици во простории каде што постои веројатност да бидат детектирани жртви.

ГРЕТА изразува загриженост поради континуираното непостоење на безбедно сместување на машките жртви на трговија со луѓе и недостатокот на соодветно сместување за децата жртви. Оттука, се повикуваат властите да обезбедат соодветни финансиски и човечки ресурси за помош на жртвите на трговија со луѓе, вклучително и за специјализирани невладини организации кои имаат мандат да пружат помош, и да обезбедат дека на сите жртви на трговија со луѓе им е загарантиран ефективен пристап до јавна здравствена заштита.

Групата експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) е независно тело кое го следи начинот на кој државите ја спроведуваат Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе. Сите држави-членки на Советот на Европа се обврзани да ја почитуваат Конвенцијата, како и државите не-членки, Белорусија и Израел. ев/сп/

Остани поврзан