• четврток, 26 декември 2024

Граѓанските здруженија бараат подобрување на здравствените услови во општина Шуто Оризари

Граѓанските здруженија бараат подобрување на здравствените услови во општина Шуто Оризари
Скопје, 19 март 2021  Граѓанските организации кои, од прогласувањето на пандемијата, секојдневно директно соработуваат и помагаат на жителите во Општина Шуто Оризари сериозно се загрижени за недостатокот на основна здравствена заштита за 4.000 возрасни и 1.200 деца во оваа општина. Затоа, повторно ги упатуваат барањата до Министерството за здравство, Министерот Венко Филипче и Фондот за здравствено осигурување за спроведување: 1. Итна постапка за назначување на нови матични лекари во општината Шуто Оризари кои ќе овозможат примарна здравствена заштита на сите граѓани кои, поради заминувањето во пензија на двајца матични лекари, немаат матичен лекар речиси 2 месеци; 2. Итна постапка за назначување на лекар педијатар за потребите од примарна здравствена заштита на најмалку 1.200 деца, кои се оставени без основна здравствена грижа поради заминување во пензија на лекарката која ја изведувала оваа дејност; 3. Итно доставување на обрасци за Избран лекар до постојните матични лекари кои работат во општината, а со цел да се обезбеди запишување на дел од овие 4.000 граѓани кои немаат основна здравствена заштита; 4. Обезбедување на минимум услови за соодветно функционирање на поликлиниката Шуто Оризари со итно назначување на раководно лице кое ќе го организира работењето на поликлиниката во согласност со потребите на граѓаните. АПЕЛИРАМЕ, надлежните институции повеќе да не го игнорираат здравјето на граѓаните од Шуто Оризари и бараме итно да ја обезбедат нивната здравствена заштита особено во екот на третиот бран од ширење на заразата со Ковид-19, која е со животно-загрозувачки последици за граѓаните кои немаат соодветна здравствена заштита. Потсетуваме, граѓаните од општина Шуто Оризари, уште во 2020 година алармираа за проблемите и предизвиците со кои се соочуваа во пристапот до здравствена заштита. Имено, по неколкуте заминувања на матични лекари во 2020 година, проблемот е продлабочен на почетокот на 2021 година по пензионирањето на двајца матични лекари кои обезбедуваа примарна здравствена заштита за скоро 4.000 возрасни лица, и лекарка која се грижела за здравјето на 1.200 деца. Оваа состојба овозможува само мал број граѓани од Општина Шуто Оризари да се регистрираат кај постојните матични лекари во Шуто Оризари. На останатите им е оневозможено основното право на здравствена заштита бидејќи: - Постојните матични лекари го исполниле лимитот на пациенти поради што можат да прифатат само ограничен број нови пациенти и не се во можност да обезбедуваат здравствена грижа со соодветен квалитет за поголем број на граѓани; - По заминувањето во пензија на единствената лекарка која обезбедувала здравствена заштита за деца, само 250 деца се регистрирани во поликлиниката Интергин, додека останатите, остануваат без правото на основна здравствена заштита; - Подолг временски период, матичните лекари не добиваат обрасци за Избран лекар бидејќи Фондот за здравствено осигурување не ги доставува поради што, и оние малку граѓани за кои постојните матични лекари биле подготвени да ги регистрираат, ја немаат можноста без образец за избран лекар; - Дежурната служба во поликлиниката Шуто Оризари има недостиг на лекари поради што, оваа служба во време на викендите, функционира променливо, односно, некогаш има дежурна служба, но многу често дежурната амбуланта, не работи. Дополнително не’ загрижува што во претстојниот период во пензија ќе заминат и други лекари кои овозможуваат здравствена заштита во општина Шуто Оризари, а на целата територија на општината по 17 часот, освен еден лекар и две медицински сестри во ПЗУ Интергин нема друг медицински персонал. Да не заборавиме, правото на здравје е основно човеково право, загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија и ратификуваните меѓународни конвенции и принципи, како што е Меѓународната повелба за економски, социјални и културни права, која предвидува дека секоја држава потписничка, се обврзува да преземе чекори кон обезбедување на доволно ресурси за остварување на правото на здравје и здравствена заштита. Ако ја погледнеме состојбата во општина Шуто Оризари, среде пандемија, каде секојдневно се бележат случаи на болни деца и возрасни кои се одбивани и не им се укажува неопходната здравствена грижа за жал ќе констатираме дека не се оставруваат основните човекови права. Дополнително, матичните лекари, покрај обезбедувањето на здравствени услуги на примарно ниво од превентивната и куративната дејност, претставуваат „влезна врата“ во целокупниот здравствен систем. Со тоа што 4.000 возрасни жители и 1.200 деца од Шуто Оризари немаат матичен лекар, заклучокот е дека им е оневозможено правото на еднаков пристап за користење на здравствена заштита на сите нивоа. Овие граѓани во случај на зараза со Ковид-19 немаат пристап ниту до услугите од матичните лекари во упатувањето и следењето на лицата заболени од Ковид-19 во домашни услови во ек на пандемијата. Ние сме загрижени дека без итно постапување од надлежните институции и овозможување на основната здравствена заштита ќе остави долгорочни последици по здравјето на населението од Општината Шуто Оризари. Особено ќе бидат засегнати повозрасните лица, малите деца, лицата со хронични заболувања и останати ранливи групи од населението. Подобрување на условите за здравствена заштита на граѓаните од Општина Шуто Оризари, бараат: 1. Фондација Отворено општество – Македонија 2. Здружение на граѓани – Иницијатива за развој и инклузија на заедниците– ИРИЗ 3. Романо Чачипе 4. Иницијатива на жени од Шуто Оризари 5. Станица П.Е.Т., Прилеп 6. КХАМ, Делчево 7. НРЦ, Куманово 8. ЛИЛ, Скопје 9. СОНЦЕ, Тетово 10. ЕСЕ, Скопје 11. ХЕРА, Скопје 12. Фондација за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа, Скопје ________________________________________________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан