• среда, 13 ноември 2024

Граѓанските здруженија алармираат поради кратење на буџетот за програмите за превенција од ХИВ

Граѓанските здруженија алармираат поради кратење на буџетот за програмите за превенција од ХИВ
Скопје, 17 март 2022 (МИА) - Најмалку 10.000 корисници на услугите од програмите за заштита од ХИВ се ставени во ризик, откако Министерството за здравство одлучи дури за 40 проценти да го скрати буџетот предвиден за програмата за превенција од ХИВ, алармираа денеска 14 граѓански здруженија. Тие на денешната прес-конференција пред Министерството за здравство се пожалија дека со ваквиот буџет не може да се извршуват ниту досега обезбедените минимални услуги. - Со ова државата ги става во ризик од згаснување на воспоставените капацитети за контрола на ХИВ инфекцијата и го загрозува здравјето на најмалку 10.000 директни корисници на овие услуги од програмите од маргинализираните групи. Наместо предвидените 46,5 милиони денари во програмата наменети за услугите на превенција што се спроведуваат во 12 града во земјава, Министерството завчера објави јавен повик за здруженија во износ намален за дури 19 милиони денари, изјави Андреј Сених од здружение „Заедно посилни“ . Тој истакна дека за оваа одлука не биле консултирани ниту од Националната комисија за ХИВ. Хајди Штерјова Симоновиќ од здружението „Опции за здрав живот - Скопје“ додаде дека правата на оваа група на граѓани секојдневно се прекршува по многу основи и дека е неприфатливо дополнително да им се скрати правото на здравје и заштита од ХИВ. - Во изминатите три месеци од годинава целокупниот национален одговор кон епидемијата со ХИВ е целосно на товар на 14 граѓански организации кои се дел од платформата за заштита од ХИВ, овие организации продолжуваат со работа без неопходните средства за спроведување на активностите, притоа не лишувајќи ги ниту еден ден корисниците од услугите. Во 2017 година Владата констатира дека неопходниот износ за нормално функционирање на овие програми изнесува минимум 60 милиони денари, но досега државата не го обезбедуваше овој минимум, туку обезбедуваше поддршка пониска за 25 проценти од непходниот минимум, додаде Штерјова Симоновиќ. Здруженијата дополнително информираа дека со ваквиот буџет ќе следи и затворање на центрите. Според податоците со кои здруженијата располагаат, во моментот на Клиниката за инфективни болести се лекуваат околу 350 ХИВ позитивни лица, но проценките се дека вкупниот број на инфицирани во 2020 година изнесувал околу 500 луѓе, од кои една третина не се свесни за нивната инфекција. Тоа според здруженијата е преголем процент доколку се спореди со глобалниот просек. свс/сп/

Остани поврзан