• вторник, 19 ноември 2024

Германските социјалдемократи остануваат во германската Влада само со Меркел на чело

Германските социјалдемократи остануваат во германската Влада само со Меркел на чело
Берлин, 12 февруари 2020 (МИА) – Социјалдемократската партија на Германија (СПД) останува во коалиција со демохристијанската Унија ЦДУ/ЦСУ само ако на чело на Владата остане Ангела Меркел, изјави денеска генералниот секретар на СПД Ларс Клингбеил реагирајќи на превирањата во врвот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). - Ангела Меркел е актуелна канцеларка. Со неа влеговме во оваа коалиција и со неа ќе излеземе од коалицијата и тоа на крајот од изборниот период, рече Клингбеил за Редакциската мрежа на Германија (РНД). Тој објасни дека СПД сака да продолжи да работи со Унијата ЦДУ/ЦСУ и тоа до есен 2021, додека е и мандатот на оваа Влада. Најавата на претседателката на ЦДУ Анегрет Крамп-Каренбауер за повлекување од врвот на ЦДУ и откажувањето од кандидатура за канцеларка за него не е пречка за понатамошна работа со Унијата ЦДУ/ЦСУ, а таа ситуација ја спореди со превирањата во врвот на СПД, каде минатата година исто така имаше промена во врвот на партијата. - Слично проживеавме и ние во СПД и тоа не ни пречеше и понатаму да продолжиме со успешна работа внатре во Владата, рече Клингбеил. Тој во исто време предупреди дека продолжувањето на добрата соработка со ЦДУ зависи и од тоа колку оваа партија ќе успее да се огради од десничарските партии како што е Алтернативата за Германија (АфД). До превирање во ЦДУ дојде откако огранокот на оваа партија во сојузната покраина Тирингија, спротивно на ставот на раководството на партијата, минатата недела заедно со АфД поддржа кандидат либерал за покраински премиер, со цел да се спречи повторен избор на кандидатот на партијата Левица. Потоа се интензивира притисокот врз претседателката на ЦДУ Крамп-Каренбауер, што резултираше со нејзино отстапување од лидерската позиција во партијата. Во ЦДУ е почнат процес за потрага по нов челник на партијата, а истата личност би била и демохристијански кандидат за канцелар. Во екот на кризата во врвот на ЦДУ некои членови побараа и предвремено повлекување на Ангела Меркел од функцијата канцеларка. Меркел во 2018 година отстапи од функцијата претседателка на ЦДУ и најави дека ќе остане канцеларка до крајот на овој изборен период. Клингбеил нагласи дека „верува во чувството на одговорност“ на лидерите на ЦДУ и оти ситуацијата ќе се стабилизира и поради фактот што Германија во јули од Хрватска го презема шестмесечното претседателство со Советот на Европската унија. јт/

Остани поврзан