• среда, 25 декември 2024

Покачување на платите за вработените во здравството договорија синдикатите и Владата

Покачување на платите за вработените во здравството договорија синдикатите и Владата

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) – Зголемување од 10 отсто на паричната маса наменета за покачување на платите во здравството е договорено со анекс на Колективниот договор за здравствена дејност на средбата меѓу Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар - Скопје и Владата.

Порастот на платите ќе почне да се применува од ноември, за што работна група со претставници од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување ќе работи на усогласување на анексот.

На прес-конференцијата по средбата, на која присуствуваа претедателите на двата синдиката и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, беше изразено задоволство од постигнатиот договор.

-Успеавме со овој анекс на Колективниот договор да ги корегираме коефициентите на вработените во здравството. Се работи конкретно за корекција на коефициентот 0.233 кој во превод значи повисока бруто плата за сите вработени од 3.650 денари или 2.450 денари во нето износ. Уште подобра придобивка во делот на овој анекс е корекција на платите од 0.364 за медицинските сестри со средно образование и останатиот средно медицинскиот кадар кој го превод значи 5.700 денари во бруто или 3.850 денари во нето. Ова значи и поголема мотивација за нашите вработени, а колективниот договор е двостран акт и израз на добра волја, истакна Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

Од Синдикатот на Клиничкиот центар – Скопје нагласија дека по долги преговори е постигнат договор кој што значително ќе го подобри финансискиот статус на сите вработени во здравствените установи и признавање на нивната посветеност, труд и професионализам.

-Сите овие покачувања се резултат на напорната работа на двата репрезентативни синдикати и заедно со Владата претставуваат одговор на барањата за подобри услови за работа и мотивација за уште поголема посветеност на нашиот секојдневен труд. Како синдикати остануваме посветени на продолжување на дијалогот и понатамошно подобрување на условите за работа во здравството, како и на продолжување на нашата борба за унапредување на здравствениот систем во целост, истакна Предраг Серафимовски, претседател на Самостојниот синдикат на Клинички центар – Скопје.

Премиерот Мицкоски го оцени потпишувањето на анексот на Колективниот договор како важен историски момент, при што најави дека и во наредните години ќе продолжи трендот на покачување на платите на здравствените работници.

-Постигнавме еден договор кој што има историска димензија, покрај овие коефициенти за кои што зборувавме сега, што би значело зголемување за 10 проценти на паричната на паричната маса која што се издвојува за плати. Веќе следната година, во март месец, ќе имаме дополнителни 5 проценти зголемување на паричната маса која се издвојува за плати за здравствените работници. Следната 2026 година од 5 до 7 проценти, во зависност од тоа во каква состојба и кондиција ќе биде Буџетот, се надеваме дека ќе биде навистина во здрава кондиција и работиме на тоа, зошто да не одиме на горната граница. Истото тоа зголемување од 5 до 7 проценти ќе биде и во 2027 година, а од 7 до 10 проценти ќе биде во 2028 година. Кога ќе го земете целиот овој период во низа, добиваме зголемување на паричната маса потребна за да се исплатат платите на здравствените работници за целиот период, помеѓу 45 и 50 проценти, нешто кое што претставува историско, истакна премиерот Мицковски.

Во обраќањето на прес-конференцијата премиерот додаде дека од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурвање деновиве ќе излезат со нови позитивни пораки за здравствените работници, со што се заокружува целиот циклус, а најави дека ќе следат и реформи во здравствениот систем. та/нд/

Фото: МИА 

 

 

 

Остани поврзан